Достапни линкови

Денеска состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ, НАТО и Советот за безбедност на ОН


Шефовите на дипломатиите на Европската Унија денеска во Брисел ќе расправаат за вчера прогласената независност на Косово при што, како што се очекува, ќе остават на секоја земја членка на Унијата посебно да реши дали и кога ќе ја признае косовската независност. За безбедносните ризици од таквиот потег на Приштина денеска во Брисел разговара и НАТО, а за вечер во Њујорк е најавена вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. Советот синоќа не го поддржа барањето на Русија за поништување на независноста на Косово.

На синоќешниот состанок што го одржа зад затворена врата, Советот за безбедност на Обединетите нации остана поделен во врска со прогласената независност на Косово. Белгискиот амбасадор во Њујорк Јохан Вербеке, говорејќи по седницата, а од името на седумте западни земји во Советот, изјави дека вчерашните настани претставуваат крај на статусниот процес во кој, како што рече, се исцрпени сите обиди за наоѓање решение преку преговори:

„Жалиме што не успеавме да обезбедиме заедничко усогласено решение. Но статус квото стана неодржливо и координиран и стабилен процес со меѓународна поддршка е подобар отколку пролонгирана нестабилност.“

Изјави Вербеке. Советот за безбедност вечер повторно ќе се состане по барање од претседателот на Србија Борис Тадиќ кој вчера го повика генералниот секретар Бан ки Мун да ја поништи еднострано прогласената независност на Косово. Генералниот секретар Бан Ки Мун по синоќешната седница избегна да оцени дали потегот на Приштина е во спротивсност со меѓународното право, но ниту пак експлицитно го поддржа.

„Ги повикувам сите страни да дејствуваат според нивните заложби да ги одбегнуваат сите акции или изјави кои би можело да го прекршат мирот, да предизвикаат насилство и да ја нарушаат безбедноста на Косово и на регионот.“

Рускиот амабсадор во Обединетите Нации Виталиј Чуркин пак, уште еднаш го потенцира противењето на Москва на косовската независност.

„Нашата позиција е дека оваа декларација би требало да биде игнорирана од меѓународната заедница и поништена од шефот на УНМИК.“

Рече амбасадорот Чуркин, но британскиот амбасадор Џон Соерс изјави дека Москва останала изолирана во ова нејзино барање.

„Ниту една земја не го поддржа предлогот на Русија за поништување на декларацијата. Сите таа декларација не ја поздравија, но повеќето членки признаваат дека Обединетите нации сега треба да се прилагодат на новата ситуација.“

За американскиот амбасадор Алехандро Волф е најважно тоа што косовските власти се обврзаа дека ќе го почитуваат планот на Ахтисари, а посебно тоа дека ќе ги штитат етничките малцинства на Косово:

„Сметаме дека оваа декларација е логична, конзистентна и целосно во согласност со резолуцијата дванаесет четириесет и четири. Ние ќе ја надгледуваме ситуацијата и тесно ќе соработуваме со косоварите и србите на нивниот пат кон Европа.“

Изјави американскиот амбасадор во Обединетите Нации Алехандро Волф.
XS
SM
MD
LG