Достапни линкови

Премиерот Тачи го достави барањето за собраниска седница за усвојување декларација за независност


Косовскиот премиер Хашим Тачи денеска изјави дека го доставил барањето до собранискиот претседател Јакуп Красниќи за оддржување на свечена седница на Парламентот за усвојување на декларација за прогласување независност, како и за избор на новите симболи- грб и знаме на Косово.

,,Се наоѓаме пред еден многу важен момент во нашата историја.,,

рече Тачи на прес конференцијата во Приштина пред многубројни домашни и странски новинари. Во Приштина во очекување на прогласувањето независност, уште од синоќа низ градот имало славеничка атмосфера. Утринава како што соопштија од КФОР ситуацијата била мирна. Повеќе министри од Владата на Србија денеска ќе престојуваат на Косово, во областите каде што претежно живее српското население. Во меѓувреме американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека Соединетите Држави и сојузиниците ќе ги вложат сите напори за да не дозволат да дојде до насилство на Косово. Буш рече дека прашањето за косовскиот статус мора да биде решено, за да има стабилност на Балканот. Русија пак најави дека ќе побара итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со прогласувањето на косовската независност. Европската Унија вчера го одобри испраќањето на мисијата на ЕУЛЕКС на Косово која ќе брои околу две илјади припадници и ќе има цел да го помогне развојот на косовските институции, зајакнување на правосудството, полицискиот и царински систем. По ваквата одлука српскиот вицепремиер Божидар Делиќ во името на Владата на Србија вчера му врачи остар протест на амбасадорот на Словенија во Белград Мирослав Луци, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
XS
SM
MD
LG