Достапни линкови

Политичките процеси мора да се одвиваат побрзо, став на експертите


Во период кога се интензивира спорот со името со Грција, се решава косовското прашање, очекуваме и покана за членство во НАТО, македонската влада веќе извесен период функционира без двајца министри во своите редови и пет во оставка пред својот партиски лидер Тачи. Владиниот портпарол Ивица Боцевски тврди дека тоа не влијае врз работата на Владата:

„Системот во Република Македонија е така дизајниран непречено да се одвива работењето на владата.“

Ваквиот став на владата е небулозен, а без министри системот функционира автократски, смета поранешниот премиер и актуелен пратеник од СДСМ Владо Бучковски:

„Македонија е демократска држава каде што министрите се дел од владата која е колективен орган на управување. Значи, секој оној кој претендира да направи упад во ресорите на дел од министрите всушност тоа го прави за својата позиција.“

Според Бучковски, иако не се работи за празни министерски места на клучните позиции за актуелните надворешно политички прашања, сепак во периодов ваквата ситуација може да се одрази лошо врз земјава:

„Посебно во овие моменти кога не е исклучено трговското ембарго или посебно во делот на енергетиката, користењето на сите средства од страна на Србија како одговор на евентуалната косовска независност, улогата на министерот за економија е огромна.“

Замениците министри може да ја вршат министерската работа но тоа не треба да се дозволи на долг период, вели универзитетската професорка Татјана Каракамишева:

„Во моментов прашањата кои не потресуваат се од надворешен карактер, но секако дека економијата не е небитен ресор за да може да го оставиме така. Заменикот може да ја пополни таа празнина, но политичките процеси мора да се одвиваат малку побрзо.“

Надвор од секој демократски стандард е депонирањето на оставките пред партискиот лидер, додава Каракамишева коментирајќи го потегот на ДПА:

„Немаме во демократските системи одговорност пред лидерот, особено кога се работи за државна институција, значи овде имаме одговорност само пред премиерот.“

Боцевски пак најавува дека во наредниот период Груевски ќе излезе со предлози:

„Кога ќе заврши консултацијата на лидерите на коалицијата.“

Местото на Рафајловска е празно од средината на јануари, кога таа поднесе оставка. Министерот за локална самоуправа пак тоа го стори пред Нова година.
XS
SM
MD
LG