Достапни линкови

Вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за Косово


Советот за безбедност на Обединетите нации денеска, по барање од Србија и Русија, ќе одржи вонредна седница посветена на Косово. На неа Белград, како што е најавено, ќе изрази силно противење на планираното прогласување независност. Од друга страна во Приштина, каде што се во тек подготовки за прославата на независноста, велат дека Обединетите нации веќе не решаваат за идниот статус Косово. Таму за утре е закажана седница на Собранието на Косово.

Екстремено опасната ситуација во српската покраина Косово, каде што се во тек завршни подготовки за еднострано прогласување независност. Ова оценка е содржана во барањето за вонредна седница на Советот за безбедност што го поднесе амбасадорот на Србија во Обединетите Нации Павле Јевремовиќ. Барањето веднаш е поддржано од Русија, а на седницата на Советот ставовите на Србија ќе ги застапува шефот на дипломатијата Вук Јеремиќ:

„На таа седница ќе го изнесам цврстиот став дека Србија апсолутно не прифаќа никаков нелегален акт на сецесионизам и уште еднаш ќе предупредам дека таквото кршење на меѓународната право, како и на Уставот на Србија, ќе го дестабилизира регионот.“

Изјави Јеремиќ пред заминувањето за Њујорк, додавајќи дека од Советот ќе бара да го спречи прогласувањето на косовската независност. Аналитичарите во Белград не се убедени во тоа:

„Мислам дека тоа е уште еден очајнички обид да се сврти вниманието на тоа прашање и да се побара од Советот нешто да преземе. Мислам дека тоа сега е невозможно.“

Вели членот на Форумот за меѓународни односи Драган Вукшиќ. На исто мислење е и Богдана Кољевиќ
од белградскиот Институт за политички студии, која додава:

„Нема ништо, во политичка смисла да се промени и не е за очекување дека ќе има некакви отстапки на западните земји, пред се на Соединетите држави и водечките членки на Европската Унија. Тоа значи дека до признавање ќе дојде, можеби не преку ноќ, но за извесно време.“

вели Колевиќ. Во меѓувреме, во Приштина се уште официјално не се објавува датумот на прогласување независност. За утре е закажана седница на парламентот, но, како што велат некои пратеници, при договорот за нејзиното одржуивање не станало збор за идниот статус.

„Институциите на Косово немаат овластување да го одредат денот кога ќе биде прогласена независноста. Тоа треба да се направи во координација.“

Изјави потпретседателот на Демократскиот сојуз Сабри Хамити, прецизирајќи дека независноста ќе биде прогласена тогаш кога институциите на Косово ќе се договорат за тоа со Соединетите Држави и Европската Унија.
XS
SM
MD
LG