Достапни линкови

Дефицит како резултат на структурата на економијата, потребни се инвестиции, сметаат експертите


Порастот од 37,4 насто на трговскиот дефицит што го забележала земјава во изминатава година во однос на 2006 за експертите не е неочекуван со оглед на структурата на македонското стопанство која ја сочинуваат нискоконкурентни производи со низок степен на финализација кои носат ниски профити и имаат тежок пристап до европските пазари.

„Се гледа во структурата на увозот, тоа се стоки за широка потрошувачка.“
„Кога на една страна одат поткошули и лимови, а на другата страна влегуваат автомобили и електрични апарати автоматски треба да имате огромен извоз за покривање на увозот и автоматски дефицитот се продлабочува,“


ја илустрираат состојбата поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини и професорката Ирена Кикеркова.

Оваа долгорочна тенденција на пораст на трговскиот дефицит на земјава делумно се должи на либерализацијата на увозот која Македонија ја прави поради спогодбата за стабилизација и асоцијација потпишана со ЕУ според која нашата царинска заштита постојано опаѓа во однос на Унијата, објаснува Кикеркова.

„Во 2011 кога ќе ни се симнат царинските стапки да бидат еднакви на нула за целиот увоз од ЕУ, а ЕУ сега има 27 земји членки, ние допрва ќе имаме увозен шок.“

Инвестициите се единствената шанса македонските производи да станат поконкурентни, но сепак, како што објаснува Кикеркова , залудни се сите стратегии за привлекување инвестиции во недостиг на стратегија за развој која треба да води сметка за производство според потребите на државата.

„Интензивно мора да се работи да се привлекуваат инвеститори, и тоа да се поттикнуваат не само странски туку и домашните инвеститори.“

Во составот на вкупниот биланс на плаќањата, увозот се покрива во голема мера со девизните резерви и тоа го релативизира проблемот во моментов што сепак на долг рок е неодржливо и најавува сериозни проблеми во Македонската економија, додава Кикеркова.
XS
SM
MD
LG