Достапни линкови

На дневен ред плановите на владата во случај на независност на Косово


На денешната седница на српскиот Совет за национална безбедност ќе бидат разгледани плановите на владата на Србија во случај на прогласување на независноста на Косово. На вчерашниот состанок на српскиот државен врв пак било заклучено институциите да ги донесат потребните мерки за поништување на таквиот акт на Приштина. Во меѓувреме, некои потези, како најавеното формирање српски институции на северот на Косово, упатуваат на можната поделба на Косово.

Официјален Белград не смее јавно да го изговори зборот поделба кога е во прашање Косово бидејќи тоа би значело кршење на резолуцијата дванаесет четириесет и четири. Сепак во изминативе денови одделни српски медиуми јавија дека премиерот Воислав Коштуница и министерот за Косово Слободан Самарџиќ во договор со косовските срби подготвиле проект за поделба на покраината во случај на еднострано прогласување на независноста на Косово Притоа се спомнува и формирање Собрааие на србите на Косово. Не спорејќи дека институциите на српската држава функционираат на Косово веќе осум години, Марко Јакшиќ, претседател на Заедницата на српските општини на Косово вели дека формирањето Собрание било само предлог:

„За тоа не се гласаше и уште не е донесен никаков суд. Мора првин да се консултираме со Белград. Албанците бараат да се одвојат од Белград, а истовремено и ние бараме да се одвоиме. Значи сите акции треба да бидат координирани со Белград.“

Оливер Ивановиќ кој исто така е еден од лидерите на косовските срби смета дека во наредниот период ќе има јакнење на врските со Белград, а во врска со тоа дали се оди на поделба на Косово вели:

„Мислам дека поделбата не би смеело да биде стратегија на Србија, дури и неформална, бидејќи, според мене, тоа би предизвикало катастрофа. Тоа би значело на милост или немилост да препуштиме шеесет насто од србите кои живеат јужно од реката Ибар.“

И самиот министер Слободан Самарџиќ повеќе пати повторува дека поделбата не опција, но со забелешка дека во случај на прогласување независност, Србија ќе настојува функциите на државата да ги оствари таму каде што може:

„Тоа се српски средини, српски општини, средини каде што живее неалбанско население кое е лојално на Србија. Значи би се создало едно двовластие. Извесно време тоа ќе функционира, но потоа пак ќе треба да преговараме.“

Во владата на Косово сметаат дека, по прогласувањето на независноста, нема да има потреба од постоење паралени иституции, бидејќи ќе бидат преземни мерки за создавање еднакви услови за живот на сите граѓани.

„Одлуката за статусот ќе биде прозападна понуда за граѓаните и ќе содржи јасни цели. Ќе биде тешко таа понуда да се замени со некој друга која не е прозападна, која води кон изолација и манипалција на еден дел од граѓаните.“

вели министерот за внтарешни работи на Косово Зенун Пајазити, изразувајќи надеж дека Белград нема да донесе, како што изјави, авантуристички одлуки кои ќе доведат до изолација на србите на Косово.
XS
SM
MD
LG