Достапни линкови

Потребно е да се укаже дека македонското НАТО членство е од регионален интерес, сметаат експертите


И покрај поддршката што ја добиваат земјите од јадранската група мегу кои и Македонија за добивање покана за членство во НАТО, сепак постои загриженост околу грчките позиции кон земјава или заканата за употреба за вето поради спорот за уставното име.

Стручната јавност смета дека она што Македонија може да го направи за да се избегне вето е да укаже дека влегувањето во Алијансата е важно не само за земјава и нејзината стабилност, туку и пошироко на регионот:

„Она што Македонија го правеше и сето тоа сега треба да го интензивира, да укаже дека влегувањето на Македонија во НАТО не значи само стабилност за Македонија, туку стабилност за целиот регион, и всушност дека значи со тоа стабилност и на Грција, значи тоа е и во нејзин интерес,“

изјави Андреј Жерновски од собраниската комисија за надворешна политика

Билјана Ванковска од Институтот за одбрана при Филозовскиот факултет во Скопје пак вели:

„Некако да излобираме преку помоќните членки на НАТО да не примат под привремената референца. Нас тоа не доведува во помалку апсурдна ситуација, во која од една страна се чувствуваме навредени, обесправени, толку години под едно бизарно име, да не водат во меѓународната заедница, но во моментов тоа може да е сламка за спас и влез во НАТО.“

Од државниот врв повторуваат дека во следниот период Македонија ќе ги заокружи обврските за приближување во НАТО или оние што останаа, усвојување рамка за употреба на јазиците на заедниците и правата на припадниците на поранешна ОНА, но дека Грција ништо не може да ја сопре да го употреби ветото доколку така одлучи. Она што треба да го прави македонската страна е водење на конструктивна политика без провокации, додаваат претставниците на државниот врв.
За тоа колку притисокот врз Македонија за решавање на спорот со името до самитот на НАТО во април е резултат на меѓународната заедница генерално, Ванковска вели:

„Не мислам дека зад притисокот за Македонија стои некаков заговор. Тоа можеби повеќе е прагматизам на другите членки. Ние многу често се занесуваме и мислиме дека во меѓународната заедница владеат идеите на правда, на симпатии, пријателство и слично. Мислам дека тоа не е во прашање.“
XS
SM
MD
LG