Достапни линкови

logo-print

Знаци на затоплување на односите меѓу Западот и узбекистанскиот лидер Каримов


По масакарот врз цивилите извршен од безбедносните сили во Андиџон, Западот ги „замрзна“ односите со Узбекистан. Но, сеќавањата за трагедијата можеби исчезнуваат. Во изминативе денови се забележуваат знаци на затоплување на односите меѓу Западот и узбекистанскиот претседател Ислам Каримов.

Неколку нешта во Ташкент неодамна сигнализираа дека „замрзнатите“ односи на Западот со Узбекистан се затоплуваат. Европската Унија испрати свој пратеник во земјата, а генералниот секретар на ОБСЕ му честиташе на претседателот Ислам Каримов за реизборот минатиот месец, и покрај фактот што ОБСЕ изборите ги нарече недемократски. Адмиралот Вилијам Фалон командант на американската војска исто така беше во посета на Ташкент. Узбекистанските активисти за човекови права и опозициски лидери велат дека се шокирани од хипокризијата на Западот и геополитичките игри со еден од најавторитативните лидери во Централна Азија. Според нив, политиката на поддржување на Каримов ќе води кон нестабилност за целиот регион и светот. Исмаил Дадајов, узбекистански опозиционен активист во егзил за вели:

„ОБСЕ го критикуваше Узбекистан за недемократски избори. Требаше да се држи до својата позиција, а не да му честита и да му покажува поддршка на узбекистанскиот диктатор. Тоа ќе доведе до зацврстување на узбекистанската диктатура и до зголемување на терористичката опасност во светот затоа што луѓето ќе мислат дека ако западот го поддржува Каримов, нема демократија за нас, па узбекистанските луѓе ќе посегнат по други средства за да го сменат сегашниот режим.“

Според Абдуманов Полат, узбекистански политички аналитичар во Вашингтон приближувањето на двете страни е поради националните интереси и безбедносните ризици:

„Американската администрација сака да ги возобнови односите со Узбекистан. Узбекистанската влада исто така има интерес во обновување на односите со Соединетите држави до одреден степен. Авганистан останува нестабилен. Производството на дрога е зголемено откако Талибанците беа протерани од власт. Освен тоа, соработката на Узбекистан со Русија и Кина, оди против интересите на Америка и Западна Европа. Затоа американската администрација сака да има нормални односи со Узбекистан, каде што владата нема да биде непријателска кон Соединетите држави.“

Според аналитичарите, Соединетите држави и Европската Унија се обидуваат да ги обноват односите со земјата богата со енергија, за да ги блокираат руските обиди да ја обноват хегемонијата и да го блокираат зголеменото кинеско влијание во Централна Азија.
XS
SM
MD
LG