Достапни линкови

Како ќе се одрази промената во монетарната политика во евро зоната врз македонските камати?


Каматните стапки ќе останат непроменети, со можност за нивно благо опаѓање велат од македонското здружение на банкари, по најавите дека трендот на нивно зголемување во европските банки би можел да продолжи и кај нас.
Глигор Бишев, првиот човек на ова здружение вели дека влијанијата во еврозоната директно ќе се одразат врз монетарната политика во земјава.

„Бидејќи денарот е врзан за еврото и приоритет на монетарната политика е одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото, тоа значи дека автоматски се следи монетарната политика во евро зоната. Зависно од тоа како ќе се развиваат каматните стапки во евро зоната, тоа ќе се рефлектира и во Македонија.“

Нема потреба од паника кај луѓето, велат од банките и додаваат дека во идниот период не очекуваат пораст на каматните стапки, но и оти нема да има нивно намалување.

Оние пак кои се најмногу засегнати, граѓаните, велат дека до кредит тешко се доаѓа, пред се поради долгата процедурата, но и поради како што велат високите каматни стапки.

„Многу се големи каматите, денеска народот знаете на какво ниво е со примањата.“
„Со ниски примања тие камати не може да се издржат.“


Ваквите размислувања на граѓаните не ги изненадуваат банкарите.

„Тој што купува секогаш му е скапо, тој што продава секогаш му е ниско и тоа нема крај. Прашање е дали цените се пазарни, рамнотежни?“

вели Бишев

Економските експерти пак со став дека има простор за намалување на каматните стапки. Иако има континуиран пад на стапките, нивното ниво не е соодветно на условите во македонската економија, вели проф Томе Неновски од Американскиот колеџ во Скопје.

„Ако ги ставите во релативен соодност каматните стапки со височината на инфлацијата во Македонија, која се движи во последните две години меѓу еден и два насто може да се заклучи дека капиталот е многу скап.“

Намалувањето на каматните стапки нема да им наштети на банките, оти тие остваруваат високи профити, додава Неновски. Според статистичките податоци, Македонија важи за земја со најскапи кредити во регионот. Лани стапките изнесуваа просечно 9.9 проценти.
XS
SM
MD
LG