Достапни линкови

logo-print

Со поддршка од публиката до победа, очекувања на македонските тенисери


Опстанок во Првата Евро-Африканска зона уште по првото коло и дуел со Холандија во април, за атак на баражот за влез во најквалитетната Светска група, е годинашната цел на македонската тениска Дејвис куп репрезентација.
За такво нешто претстојниот викенд во салата „Јане Сандански“ во Скопје ќе треба да се совлада Летонија, противник за респект, најмногу поради 19 годишниот Ернест Гулбис 63-ти на АТП листата. Ранкинг, кој со 252-рото место на Андис Јушка, на хартија не става во подредена улога. Ништо ново за нашите тенисери, чие позитивно искуство од таквите ситуации влева оптимизам пред она што следи.

„Оваа репрезентација веќе е доста искусна во вакви натпревари. Веќе имаме победено доста подобро рангирани репрезентации, со подобро рангирани играчи. Репрезентативците имаат искуство и се надевам дека ќе пружиме максимум во овој натпревар и дека ќе дојдеме до посакуваната победа против силната Летонија,“

изјави селекторот Дејан Маринковиќ, со кого се согласуваат и играчите, кои со нетрпение го чекаат новото искушение. За повторно да покажат дека можат да се носат и со многу подобро рангираните од нив, но и за конечно во четврттиот меч да ја забележиме првата победа над Летонија.

„Сега е шанса да го намалиме негативниот скор, не може се да биде негативно и црно кога се во прашање мечевите против Летонија. Очекувам да прикажеме одличен тенис, поддршка од публиката и да направиме уште еден успех кога е во прашање тенисот во Македонија,“

вели нашиот прв рекет Предраг Русевски моментно 247 во светот, за 310 места подобар пласман од пред една година.

Таков напредок, за жал нема Лазар Магдинчев кој падна под 700-тото место. Сепак, тој е во солидна форма, што очекува да го потврди во репрезентацијата, која за прв пат ќе биде домаќин во сала која покрај засиленото осветлување и греење, доби и земјена подлога. Нешто што најмногу ни одговара и со домашниот терен треба да е главен адут за нов историски подвиг.

„Најголемата предност е што мечот се игра дома, и што е доста спора подлогата.“

изјави Магдинчев, кој со Русевски ќе го понесе целиот товар, иако во составот се и јуниорите Илија Мартиноски и Томислав Јотовски.
XS
SM
MD
LG