Достапни линкови

Во јавноста малку е позната содржината на планот


Планот подготвен од страна на рускиот преговарач во Контакт Групата Александар Боцан Харченко, во врска со идните чекори на Русија доколку Косово прогласи независност, веќе се разгледува од страна на рускиот државен врв. Во јавноста малку е познато што е содржината на планот кој инаку се претставува како државна тајна.

Повеќе од познато е дека Русија и Србија имаат заеднички став по прашањето за Косово, но најавата дека Русија има пакет мерки и адекватни одговори во случај на еднострано прогласување на независност од страна на Косово, за многумина е непознато. Фактот дека Русија има подготвено план произлегува од сознанието дека Косово станува важно прашање, за кое Америка и Европската Унија немаат одговор и очигледно е дека Русија сака да постигне максимум од таа ситуација, вели аналитичарот Душан Јањиќ:

„Претпоставувам дека тој план пред се соддржи привремено повлекување на канцеларијата на Русија од Косово, непризнавање на изјавите за независност, блокада на Косово во ОН, оспорување на легитимноста на признавањето на Косово од страна на ЕУ и Соединетите Држави. Што се однесува до другите мерки тие најверојатно се однесуваат на помош на владата на Србија. Значи очигледно е дека Москва има сознанија дека владата на Србија всушност и нема некој сериозен акционен план и дека неможе до крај да ги следи интересите на Русија, претпоставувам дека Москва сака да има некој вид координација со Белград, исто како што Приштина има со Брисел и Вашингтон.“

Според Душан Лазиќ од Форумот за меѓународни односи планот е на ,,иста линија“ која досега ја застапуваше Русијa во врска со решавањето на статусот на Косово:

„Многу индикативно во врска со тоа, се споменува фактот дека русите имаат разработен план како да се дојде до решение за косовскиот статус, со една изјава дека доколу западните партнери навистина се подготвени да прифатат некои разговори на таа тема, дека тогаш и русите се подготвени да го изнесат својот план. Може да се каже дека планот е на иста линија со поранешните ставови на Русија, решението да се бара преку преговори.“

Се поставува прашањето кој е можниот ефект од мерките кои се насетуваат во планот. Според аналитичарот Душан Јањиќ тоа ја менува природата на косовската криза:

„Станува некој вид на балкански Тајван и тоа ќе има многу последици, прво за Балканот, а второ ќе има влијание на внатрешниот равој на Србија што може индиректно да биде закана за демократијата, или забрзување на демократското созревање на Србија.“

изјавува Јањиќ.
XS
SM
MD
LG