Достапни линкови

Нема нов предлог од САД за решавање на спорот со името


Предлог за името од САД не може да има, затоа што предлози може да произлезат само од процесот на преговори меѓу македонската и грчката страна кои ги предводи преговарачот Метју Нимиц, велат извори од државниот врв по најавите во грчкиот и македонскиот печат дека Рајс на Бакојани на средбата ќе и изнесе нов предлог. Од државниот врв додаваат дека за сега не коментираат воопшто додека нема официјален предлог кој ќе го изнесе преговарачот. Таков, според високи дипломатски извори во Скопје би произлегол по средбата на Димитров, Василакис и Нимиц во Атина, која треба да се одржи околу 18-ти месецов. И од кабинетот на премиерот за сега не коментираат ништо, туку само кратко велат дека Македонија останува на својот став. Според аналитичарот Мерсел Биљали новиот предлог веројатно би одел во насока на тројна формула:

„Мислам дека има шанси за предлог кој можеби ќе биде прифатлив за Македонија, но тешко дека ќе биде прифатлив за Грција.“

Во меѓувреме, по словенечкиот министер за надворешни работи Рупел и премиерот Јанша по средбата со неговиот грчки колега Караманлис, побара од Македонија да направи комрпомис бидејќи како што рече ќе биде срамота земјата да ја пропушти шансата за НАТО, поради нефлексибилност. Биљали вели дека Словенија сака да го реши проблемот додека претседава со Брисел, затоа што прашањето за нашето име Атина би го отворила и за добивањето датум за преговори за членство во ЕУ. Тој ја отфрла можноста дека лобирањето на Грција е причина за менување на курсот на словенечката политика:

„Скоро сите членки на ЕУ исто така се членки на НАТО. Така што дури и да помине клаузулата како можност, понатаму да се реши состојбата ние ќе се соочиме со тоа при одредувањето на датумот за преговори за полноправно членство во ЕУ, така што во прашање се месеци.“

Од државниот врв пак велат дека со жалење констатираат дека непренципиелната грчка дипломатска офанзива вродила со плод, кај некои земји на НАТО и во тој контекст ја коментираат последната изјава на Јанша по средбата со Караманлис. МНР пак воопшто не коментира, поради тоа што министерот Милошоски е на пат во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG