Достапни линкови

Џон Мек Кејн победи кај републиканците, Обама и Клинтон водат изедначена битка


Во таканаречениот Супер вторник кога во дваесет и четири американски држави партиите ги избираат своите кандидати за идните претседателски избори кај републиканците победи Џон Мекејн, а демократите не успеаа да изберат кој ќе биде нивен главен избор, Хилари Клинтон или Барак Обама. Тие и натаму водат изедначена трка.

Супер вторникот го означува денот кога гласањето за претседателските кандитати се одвива во најмногу американски држави пред ноемвриските претседателски избори. Официјалните резултати и проекции покажуваат дека сенаторот од Аризона Џон Мекејн победи во неколку поголеми држави, вклучувајќи ги Калифорнија, Илиноис и Њујорк. Со тоа тој стана водечки кандидат на републиканците пред неговите ривали Мајк Хакаби и Мит Ромни.

„И покрај тоа што не мислев да имам некоја подредена улога, вечерва мислам дека ние мора да ја прифатиме идејата оти во Републиканската партија сум водечки за номинацијата за претседател на Соединетите држави.“

изјави сенаторот Џон Мекејн на собирот во Феникс. Кај демократите пак, сенаторката Хилари Клинтон победи во најголемите држави, како Калифорнија и Њујорк, но сенаторот Барак Обама освои победи во повеќе држави. Ни тој ни Клинтон не прогласија победа во Супер вторникот. Клинтон пред нејзините приврзаници во Њујорк изјави дека е подготвена за претстојните предизвици.

„Ние велиме дајте ни ја оваа економија да ја обновиме и оваа војна да ја завршиме. Се радувам на продолжувањето на кампањата и на дебата за тоа како оваа земја да ја направиме подобра за идните генерации.“

порача Клинтон. Се очекува борбата меѓу неа и Обама да потрае уште извесно време се додека не се искристализира кој од нив е најсирозниот кандидат на демократите. Обама пред своите сопартијци во Чикаго изјави дека Супер вторникот му покажал дека дошол моментот да го преземе водството пред Клинтон.

„Нашето време дојде. Нашето движење е вистинско. Во Америка доаѓаат промени.“

Идните партиски изјаснувања за нивен кандидат за претседател ќе се одржат в сабота во Лујзијана, Небраска и Вашингтон, ана дванаесетти овој месец во уште три други американски држави.
XS
SM
MD
LG