Достапни линкови

Затоплување на односите Македонија – ЕУ, оценуваат аналитичарите


Зачестените посети на меѓународни претставници во земјава и нашите дипломати во земјите на Европската Унија, зборуваат за затоплување на односите меѓу Македонија и Унијата, оценуваат експертите.

Посетата на Мајкл Ли, генерален директор на Директоратот на Европската комсија за проширување и последните пораки од официјален Брисел дека Македонија е на добар пат, за проф. Димитар Мирчев од Европското движење на Македонија покажува поинаков однос кон реалноста во земјава и нашите постигнувања во евроинтегрирањето.

„Јас сум голем оптимист дека доколку овие тенденции продолжат, особено кај нас во стопанскиот сектор дека во ноемврискиот извештај ќе има позитивни оценки и датум за преговори.“

Она што е најважно во следниот период е да се усвојат сите европски закони потребни за прием на земјата во Унијата, а оособено внимание да се посвети на интензивирање на стопанските движења во земјата, додава Мирчев.

„Нема некои особени тешкотии ниту со согласноста на албанскиот блок партии, така што во тој смисол до мај јуни би го имале заокружено законодавството. И второ, многу се значајни стопанските движења.“

Ли вчера се сретна со премиерот Никола Груевски, со кој како што рече по средбата било разговарано за приоритетите на Македонија во приближувањето кон Унијата. Тој истакна дека било дискутирано и за олеснувањето на визниот режим чиишто преговори треба да почнат по неколку недели.

Ли не прогнозираше дали Македонија ќе добие датум за преговори за членство во Унијата до крајот на годината. Како и многумина претставници на Унијата тој посочи дека тоа зависи од владата, парламентот и од граѓаните.

Сепак посочи дека доколку земјата продолжи со спроведувањето на реформите, тој е оптимист дека кон крајот на годината, Македонија ќе премине во следната фаза од приближувањето кон Унијата.
XS
SM
MD
LG