Достапни линкови

Прогласување на независно Косово најдоцна до крајот на месецов, проценка на македонските експерти


По завршување на претседателските избори во Србија проценките на политичките претставници и стручната јавност во земјава се дека прогласувањето на независноста на Косово ќе следи многу скоро. Некои претставници на државниот врв сметаат дека е можно тоа се случи кон средината или крајот на овој месец. И поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски со речиси иста проценка

„Се создадени сите предуслови да започне реализацијата на планот за признавање на независноста на Косово. Значи, тоа е можно од неделава, па најдоцна до крајот на февруари според сите проценки.“

Рафиз Алити од Демокртаската унија за интеграција на Албанците чија партиската делегација вчера беше во посета на Косово вели:

„Во прашање се денови за прогласување за независноста. Тоа нема да биде еднострано, туку во координација со САД и ЕУ.“

Бучковски укажува дека пред овој процес се неопходни подготовки за тоа како треба Македонија да постапи по евентуалното прогласување на независноста на Косово по што ке следи признавањето

„Едната подготовка треба да биде во делот на признавањето. Во кој круг на држави кои ќе ја признаат независноста на Косово ќе се вбори Македонија? Македонија во секој случај нема да биде првата држава која ќе го признае независно Косово, но евидентно е дека ќе ги следи потезите на Вашингтон и Брисел.“

Аналитичарот Јован Донев од Институтот Евробалкан е категоричен Македонија нема друг избор освен да ги следи ставовите на Соединетите држави и Европската унија

„Договорено е во државниот врв дека ќе се следи политиката на НАТО и ЕУ. Во април е самитот на НАТО, многу е важна поддршката на САД и членките на НАТО и сигурно дека нема да сакаме да покажеме дека не сме нивни лојални пријатели и сојузници.“

Во ДУИ сметаат дека во интерес на целиот регион е што е можно побрзо да се прогласи независноста на Косово бидејќи со тоа добиваат сите, ќе се дојде до стабилност, а и приливот на странски инвестиции ќе се зголеми:

„Македонија треба да биде меѓу првите земји која ќе го признае независно Косово,“

изјави Рафиз Алити од ДУИ.
XS
SM
MD
LG