Достапни линкови

logo-print

Заостанатите долгови најголем проблем за помалите општини


Заостанатите долгови за струја и греење и понатаму се најголем проблем со кои се соочуваат повеќето од општините. Росоман е една од единиците кои го имаат тој проблем. Градоначалникот Гоце Величковски вели дека ограниченоста на локалниот буџет претставува пречка за исполнување на предвидените проекти.

„Тоа се долгови коишто може да не дестабилизираат малку. Некаде околу два три милиони денари, за нас тоа е многу, како помала општина, тоа е повисок долг.“

И новоформираната општина Врапчиште, се уште не е влезена во втората фаза од фискалната децентрализација. Токму финансиските проблеми се главната причина за тоа, се жали градоначалникот Есат Салаи.

Салаи се надева дека Врапчиште ќе се развива, но сепак посочува дека за успешен развој на општината најважна е помошта од централната власт.

„Ако немаме јака држава, една општина не може сама по себе да излезе од криза или да направи бум.“

Преку јакнење на капацитетите на локалните единици, спроведување на обука и инвестирање во опрема, централната власт им помага на општините, велат од министерството за локална самоуправа. Дали некоја општина ќе се справи со финансиските проблеми зависи од нејзината способност за собирање на данокот на имот, кој со новиот закон за финансирање на општините за првпат се надлежни општините, велат оттаму. Од ресорното министерство посочуваат дека нема рок во кој општините би требало да се вклучат во втората фаза од децентрализацијата, но доколку некои општини не успеат во тоа, нема да се укинати туку ќе бидат направени дополнителни анализи за излез од ситуацијата.

Експертите велат дека одговорноста за финансиските проблеми на општините лежи и кај градоначалниците и нивната способност за менаџирање со општината.

„Градоначалниците, па и советот знаеле за тие долгови, значи свесно влегувале во долгови. Суштинско прашање е зошто влегувале во долгови, дали заради исполнување на некои програмски определби со кои победиле на изборите или некои акутни проблеми,“

вели Горан Ангелов, поранешен претседател на Заедницата за локална самоправа. Според него укинувањето на општините кои нема да можат да го поднесат финансискиот товар, може да создаде неповолна клима во земјава.

„Не е добро за една држава ако прави чести промени на територијалната организација. Тогаш имате социолошки проблеми, правни проблеми, граѓаните се чувствуваат каде јас конечно припаѓам? Денеска сум во една, а друг ден во друга. “

Неодамна општините кои имаат заостанати долгови потпишаа меморандум со ЕВН со што се обврзаа да го платат заостанатиот долг за административните згради и уличното осветлување најдоцна до крајот на февруари кон ЕВН Македонија.
XS
SM
MD
LG