Достапни линкови

Српските експерти оценуваат дека Србија на економски план можела да постигне нешто повеќе


Русија и Србија го потпишаа текстот од енергетскиот договор, со кој се предвидува рускиот Гаспром да стане мнозински сопственик на Нафтената индустрија на Србија, како и изградба на гасовод во Србија. Според европскиот комесар за енергија Андрис Пиебалгс, енергетскиот договор меѓу Србија и Русија има политичка позадина. Српските експерти пак оценуваат дека Србија на економски план можела да постигне нешто повеќе.

Во енергетскиот договор што го потпиишаа Русија и Србија е предвидено рускиот Гаспром да го купи мнозинскиот дел од Нафтената индустрија на Србија за 400 милиони евра и да вложи најмалку 500 милиони евра во развој на компанијата до 2012 година, а делот кој се однесува на изградба на гасовод во Србија, се наведува дека пропустната моќ ќе биде најмалку десет милијарди кубни метри гас годишно. Еврокомесарот за енергија Андрис Пиебалгс вели дека има политички мотиви во потпишувањето на договорот меѓу двете земји:

„Гледаме покажување на сила во политичка смисла, дефинитивно во Србија. Договорот меѓу Белград и Москва за енергетска соработка не е само економски туку има и политичка димензија. Во останатите земји, тоа не е случај. Например, Бугарија неодамна се согласи да дозволи транзит на рускиот гас преку своја територија и тоа е се. Тука се работи исклучиво за економија.“

вели еврокомесарот Пиебалгс. Според српските економски експерти склучувањето на договорот има и позитивни и негативни страни, а тие додаваат дека Србија на економски план можела да постигне нешто повеќе. Економскиот коментарот Ружа Цирковиќ вели:

„Мислам дека руската страна постигна одличен договор, а од српска страна, какви ќе бидат неговите економски ефекти ќе видиме. Секако тоа за Србија не мора да биде лошо, но го делам мислењето на оние кои сметаат дека од економска гледна точка Србија можеше да постигне повеќе.“

посочува Цирковиќ. Професорот од Економскиот факултет Јуриј Бајец го оценува како поволен договорот во однос на изградбата на гасовод во Србија, бидејќи и овозможува енергетска сигурност на земјата. Но, во однос на продажбата на Нафтената индустија на Србија, професор Бајец вели дека очекувал зголемување на цената:

„Некои елементи зборуваат дека станува збор за ниска цена. Тој дел околу продажбата на Нафтената индустрија ми се чини многу несигурен и мислам дека тоа е договор кој веројатно бил условен за да се добие оваа во секој поглед многу важна работа, која се однесува на гасниот аранжман. Но, но дали тоа се исплатеше, тешко е да се процени.“

Експертите во Србија укажуваат и на уште два моменти поврзани со потпишувањето на договорот, а тоа е дека пазарот во Србија во тој дел и натаму останува монопол и укажуваат на недостатокот од еколошки обврски кон руската страна, односно прашањето за квалитетот на дериватите.
XS
SM
MD
LG