Достапни линкови

Ситуацијата на Западен Балкан во центарот на вниманието


Ситуацијата во Западен Балкан, а посебно односите со Србија, се во центарот на вниманието на средбата на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел. Холандија и Белгија се за блокирање на потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација ако претходно Србија не го уапси генералот Ратко Младиќ. Од друга страна, еврокомесарот за проширување Оли Рен, бара појасен сигнал за европската иднина на Србија. Тој во денешниот коментар во Гардиан оценува дека Белград е блиску до целосна соработка со Хашкиот трибунал.

Жителите на Балканот годинава се соочуваат со решавачки избор: нивниот регион конечно би можело или да ги реши огромните проблеми од војните во деведесетите години или да се врати во нестабилност и во екстремен национализам, пишува еврокомесарот за проширување Оли Рен за весникот Гардијан,додавајќи дека првата можност ги води во стабилност, напредок и европска интеграција. Но, како што додава, многу коментатори сметаат дека втората опција е неминовна. ,,Не се согласувам со пророштвата за пропаст,, оценува Рен, укажувајќи дека секако постои опасност за нестабилност во моментот кога идниот статус на Косово ќе биде на точка на решавање. Но, последиците, според него, не мора да бидат дестабилизирачки доколку Европската унија понуди решителен и обединет правец со цел да обезбеди координиран одговор на што треба да бидат свесни министрите за надворешни работи на нивниот денешен состанок. ,,Ниту еден меѓународен актер нема да биде толку директно погоден исходот, ниту Русија, ниту Соединетите држави,, пишува Оли Рен, нагласувајќи ја подготвеноста на Европската Унија да ја исполни својата одговорност со тоа што ќе ги поддржи стабилноста и напредокот во регионот. Западен Балкан направи нерамномерен прогрес во последниве години и целта на членството во Европската Унија останува важна мотивација за натамошно спроведување на реформите. ,,Накусо, иднината на регионот е во Европската унија и повеќето би сакале да биде во Унијата што е можно поскоро,, наведува Рен, додавајќи:,,Всушност сите земји би можело да направат побрз прогрес на патот кон Европа. До крајот на годинава се надевам дека тие сите ќе ја минат портата за кандидаски статус со тоа што ќе потпишат спогодба за стабилизација и асосцијација со Унијата. Тоа веќе го направија Албанија и Црна Гора, како и Македонија која наскоро би можело да ја демонстрира нејзината подготвеност да ги почне преговорите за пристап ако може да оддржи доволно политичка волја и меѓупартиски дијалог во спроведувањето на сериозните реформи,, оценува еврокомесарот Оли Рен, наведувајќи дека Европската Унија сега ги чека Босна и Херцеговина и Србија да ги исполнат преостанатите услови за потпишување на договор за асоцијација. ,,Иднината на Балканот може да биде далеку од темна. Во Европската унија никогаш немало толку силна политичка волја да се поддржат жителите на Западен Балкан. Но, на крајот, токму луѓето во регионот треба да го искажат нивниот демократски избор во детерминирањето на курсот на иднината на нивните земји, заклучува еврокомесарот за проширување Оли Рен за денешен Гардијан.
XS
SM
MD
LG