Достапни линкови

Полицијата нема нови информации за напаѓачите


Полицијата нема нови информации околу тоа кои се лицата кои викендов физички го нападнаа Горан Гаврилов, сопственик на националното радио Канал 77. Предметите со кои беше претепан Гаврилов се пронајдени, но од министерството за внатрешни работи велат дека се уште трагаат по сторителите. Оттаму велат дека се додека не бидат откриени сторителите, неможат да ги утврдат мотивите за нападот.

„За сега обезбедени се единствено средствата со кои е извршен нападот. Тие се дадени на вештачење и се вештачи и чаурата испукана на лице место. Се преземаат сите неопходни мерки за нивно идентификување, а потоа и пронаоѓање и лишување од слобода,“

изјави Иво Котевски портпарол на МВР

Сопругата на Гаврилов, Емилија вели дека додека трае истрагата за овој случај нема да шпекулира за тоа кои биле напаѓачите. Негира дека се работи за нерасчистени должничко-доверителски односи, но додава дека во досегашното работење нејзиниот сопруг најмногу доаѓал во судир со лицата на кои им пречи спроведувањето на законот за радиодифузија.

„Ова беше обид за убиство, не закана, не предупредување. Немаме должничко доверителски нерасчистени односи. Така што, ова е исклучиво во однос на медиумскиот простор, на оние коишто им пречи законот. А Горан е поборник за почитување на законот.“

Физичкиот напад на Гаврилов, не е прв случај на насилство. Вработените на радиото неколкупати досега биле цел на закани и насилничко однесување.

„Првично имавме палење, подметнување на експлозивна направа во нашето возило, потоа џипот беше запален, крадење на антени по пунктовите, обивање на простории, тоа на некој начин е спречување на нашето дејствување. Полицијата до сега нема расветлено ниту еден случај, и се надеваме дека ова ќе биде последен пат, за да покажат дека ова е држава во којашто владее законот и правдата.“

Во петокот вечерта двајца маскирани напаѓачи, вооружени со пиштоли и со метални шипки го нападнале Гаврилов пред влезот на неговата куќа. Кон него бил испукан куршум, а откако истиот не го погодил, напаѓачите се нафрлиле врз него и му нанеле тешки повреди на главата и по телото. По укажаната болничка помош, од денеска Гаврилов е пуштен на домашно лекување.
XS
SM
MD
LG