Достапни линкови

Експертите сметаат дека барањето е економски оправдано и ја повикуваат владата да одговори


Утврдувањето на најниска плата е неопходно посебно во период на поскапувања на речиси сите производи, смета стручната јавност. Сепак објаснуваат дека најниската плата не треба да се определи и да биде иста за сите, туку тоа да биде по дејности

„На пример ако ја кажете осум илјади денари, за некои дејности тоа е смешна плата, да речеме за банкарство, за финансиски услуги, за интелектуални услуги, ИТ технологија. Таму минималната плата е барем дупло. Ама, за текстилна индустрија и такви дејности тоа е голема плата, бидејќи таму минималната е шест. Затоа треба да се дозволи флексибилност по дејности,“

изјави Ванчо Узунов професор по применета економија на правниот факултет во Скопје.

Од Синдикатот се согласуваат дека кога станува збор за најниската плата таа треба да биде според дејности. Со последен предлог Сојузот на Синдикати на македонија излезе пред неколу години

„Имавме неколку разговори но сето тоа остана нереализирано. Дури предлогот на ССМ во тој период беше најниската плата да се движи во висина на основицата на која се плаќаат придонесите и втората варијанта беше ако ништо друго да не биде под шест илјади денари,“

изјави Пеце Груевски од Сојузот на синдикати на Македонија кој додава дека нивните барања беа повторени и минатата година или упатени и до оваа влада, но без одговор.

Поранешниот министер за финасии Џевдет Хајредини смета дека она што треба да се цени при предлозите, како оној на СДСМ за најниска плата од 8.100 денари, е економската оправданост.

„Тие треба да речат дали тоа е оправдано да се прави или не, а не дали опозицијата кога била на власт го правела или не. Значи апсолутно тоа не е објаснување,“

изјави Хајредини. Според него овој предлог е оправдан во моментов со оглед на фактотт што се зголемуваат цените речиси на сите производи. Економските експерти сметаат дека определување на најниската плата може да се изведе посебно доколку владата прекине со некои активности како рекламирањето:

„Тоа е дефинитивно најнепродуктивен трошок што го прави владата. Значи, на било што друго да ги даде парите, особено во инвестиции, тоа ќе бидат подобро потрошени пари,“

вели Узунов.
XS
SM
MD
LG