Достапни линкови

Тито Петковски, претседател на НСДП: Со лидерот на ДПА Мендух Тачи имаме различни ставови за фундаментали прашања од државен интерес


Г-дине Петковски може ли да процените колку од вашите предизборни ветувања се реализирани во оваа година и пол?

Пред некој ден разговараме на таа тема, нашите луѓе кои што се во извршната и законодавната власт имаат статутарна обврска да даваат на шест месеци информација што сме сработиле од она што сме го програмирале и од она што сме го ветиле. Влеговме во владата, коалициона влада и тука неможете да инсистирате вашата програма да биде почитувана до крај, туку гледавме како се остварува владината програма, значи програмата на коалицијата. Кога влегувате во коалција вие морате да се откажете од дел од вашите програмски определби или ветувања, заради заедничката програма. Гледано низ таа призма за година дена, нашиот ангажман во извршната и законодавната власт го оценивме како мошне успешен, можеби тоа незнаевме вистински да го прикажеме на јавноста, бидејќи најголемиот дел од социјалната сфера се реализирани. Вие можете да забележите, често пати на прес конференциите кога излегува премиерот со владиниот тим, првата реченица му е, ова не е предвидено во програмата на Владата или во програмата ,,100 чекори“ на ВМРО ДПМНЕ, но ние знаеме дека тоа е предвидено во програмата на НСДП. Тоа не го повторува премиерот, тоа е наша обврска но ние тоа за жал не успеавме да го презентираме на македонската јавност за да се види дека најголемиот дел од програмата на НСДП за 2007 година е реализиран. Така да можеби е чудно но Владата, условно речено десната Влада, како што се декларира владата на Никола Груевски, најмногу полагаше во изминатата година на програмата на лево ориентираната политичка партија во владината коалиција.

Велите дека сте задоволни од тоа што е реализирано. Тогаш на што се должи според вас, нискиот рејтинг на партијата од два отсто?

Многу е тешко да се биде во коалиција или да се биде во ,,сенка,, на една голема партија како што е ВМРО ДПМНЕ која во секој случај има главен збор во водењето на проектите, а без сомнение има ударно место во медиумите, да говорите дека таа подршка може да се изнијансира. Затоа сите тие убави вести ги соопштува премиерот, а лошите вести портпаролот на Владата. Тие секогаш одат на адреса на премиерот како лидер на ВМРО ДПМНЕ. Според тоа граѓаните тешко го доживуваат НСДП како значаен дел од владината коалиција, туку дека тоа го прави владата на ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски како премиер. Ако ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски направија исклучително добар ,,пи ар“ ние тука сериозно заостануваме, мислам дека тука е главниот проблем. И остана еден проект околу стечајците, законот за обезбедување на овие луѓе кои се без работа, до стекнување на правото на пензија и тоа е едно комплексно прашање за кое и натаму ќе инсистираме пред коалиционите партнери да се реализира.

Во меѓувреме вие изјавивте дека сте за предвремени избори, премиерот Груевски од друга страна два пати велеше, дека нема да има предвремени избори. Од каде целата оваа дебата?

Начинот на кој што владата ја води кампањата и на кој што ги промовира сопствените проекти, остава впечаток кај луѓето дека еве, владата, премиерот, ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери се во некој процес на перманенти подготовки за предвремени избори. Значи сите оние проекти кои што беа блиску до обичниот човек, што значеа покачување на неговиот стандард, олеснувања во сите свери на животот, луѓето ги доживуваа како подготовка за избори. Лично мислам, ако сакате и во сите земји со подолг парламентарен живот, наредните избори започнуваат од моментот кога завршуваат постојните, актуелните избори. Така да вие морате постојано да бидете подготвени, да бидете на тест на испит пред граѓаните. Така да ние несмееме да се дозволиме изборното законодавство да се подготвува да речеме година дена пред изборите, дури тоа во некои земји според Уставот е забрането. Значи вие ако сакате да бидете демократска земја, да спроведете демократски избори, треба да дадете благовремено шанса на сите учесници во изборната трка да се подготвуваат за тие избори. Значи морате правилата на тој политички натпревар да ги утврдите многу порано. Од тој аспект гледано ние сметавме дека немаме право да кажеме како политичка партија дека не сме за предвремени избори. Во нашиот случај е многу почудно зошто опозицијата не сака да се оди на предвремени избори?! Жестоко ја критикуваат владата, а кога ќе ги прашате се кријат наводно зад флоскулата, па тоа не е од национален интерес, ние треба да ги туркаме реформите, НАТО, ЕУ, покана, датум за преговори... Значи дека се неподготвени.

Оставките на Рафајловска и Елмази во јавноста беа коментирани како политички договор меѓу вас и Тачи, за кои исто така се зборува дека постои нетрпеливост, за да се надмине таа нетрпеливост. Ваш коментар околу тоа?

Квалификацијата на нетрпеливост, незнам не е соодветна, во политиката нема љубов, трпеливост, во политиката има интерес. Јас и г-динот Тачи се разликуваме по одделни прашања, особено за фундаментални прашања од државен интерес и тоа јас не го кријам. Често пати тие наши ставови се доведуваат во судир на јавна сцена и тоа добива такви размери за какви што зборувате, тоа не е точно. Едноставно за г-динот Елмази после настаните во собранието од 25 септември, имавме јасен став, неможеме да толерираме недолично однесување или неможеме да го промовираме насилството како средство на политичка борба. Едноставно сметавме дека сите тие носители, макар и на провокација, не на инциденти, треба да сносат политичка одговорност. Сосема друга е причината за односот на ДПА кон Вера Рафајловска кога се поднесе интерпелација за неа во собранието. Значи ДПА тогаш не ја поддржа Рафајловска, не го поддржа ни г-динот Зашов за потпретседател на Собранието, но ние обезбедивме доволен број на гласови со кои Зашов стана потпретседател на Собранието. Значи, тука не смее да се повлече линија на равенство помеѓу оставката на Елмази и оставката на Рафајловска, тука политички договор е исклучен апсолутно, бидејќи контекстот беше сосема негативен за ДПА, а многу позитивен за НСДП и за Вера Рафајловска.

Ќе има ли поголема реконструкција на владата?

Па, мене ми замеруваат некои зошто го повторувам тоа прашање. Реконстуркцијата не зависи од НСДП, реконструкцијата зависи од премиерот. Ако премиерот процени дека тој тим не функционира во рамките на неговите очекувања, тој ќе предложи реконструкции до коалиционите партнери. Значи ние од премиерот немаме, НСДП нема никаква иницијатива, нема никакво сознание, нема никаква сугестија за некоја позначајна реконструкција. Јас под реконструкција подразбирам поголем број на министри кои имаат влијанија во политиката на владата да бидат сменети, во овој случај еден или двајца, четворица, петмина министри ако поднесат оставки, а на нивно место да дојдат други, тоа неможе да добие таков карактер на некоја посериозна реконструкција која да речеме би дала поинаква боја, динамика на активностите на владата, реформите итн.

Се шпекулира дека иако сте во владата на ВМРО ДПМНЕ, сеуште одржувате блиски контакти со луѓе од вашата поранешна партија СДСМ и соработувате со нив?

Ако мислите дека тоа се гледа некаде да речеме околу некои социјални закони, знаете тоа се програмски блискости на политички партии кои се декларираат како социјал демократски. Меѓутоа која е смислата сега, јас излегов од таа партија, формиравме нова партија, која што во овој момент има далеку попрогресивни идеи отколку СДСМ, да се потпирам да речеме на таа политичка партија. Јас не исклучувам можности да седнеме да разговараме, да пиеме кафе, да размениме идеи, тоа несмее да биде еретичка работа. Јас сум човек што е подготвен да комуницира со сите, но тоа е во рамките на човековите права и слободи, јас неможам да се залагам да речеме, луѓето од НСДП да не смеат да разговараат со припадници од други политички партии. Апсолутно е исклучена било каква калкулација за можна коалиција во овој момент, или рекомпонирање на парламентарното мнозинство.

Годинава помина во знакот на дијалозите во Клубот на пратениците, вашата партија не учествуваше на тие дијалози. Дали ќе гласате ,,бланко“ за сето она што ќе го договорат четирите лидери?

Во принцип НСДП не поддржува вонинституционални разговори, ние не поддржуваме кафански разговори. Сметаме дека Собранието е место каде треба да се води политичката битка, политичкиот дијалог, каде што треба да ,,се кршат копјата“ и таму преку борба на идеи и ставови да се види која политичка партија што застапува и пред судот на јавноста. Второ како што гледате во Собранието, ние не ги поддржуваме безрезервно, туку имаме често пати и амадмани имаме и спротивставени ставови, значи се бориме за усогласување на ставовите, но внатре во институциите, во Собранието.
XS
SM
MD
LG