Достапни линкови

Позитивна реакција на берзите на економските мерки на американската администрација


Белата Куќа и Конгресот на Соединетите држави постигнаа договор за стимулативен економски пакет од сто пеесет милијарди долари со цел да се спречи можната рецесија на најголемата светска економија. Токму поради страхувањето од американска рецесија светските берзи во изминатава недела забележаа рекодни падови. На најновиот план на Вашингтон тие денеска реагираа со пораст.

Со новиот американски економски план се предвидува намалување на годишниот данок до шестотини долари за поединци и до илјада и двесте долари за брачни парови, како и даночни олеснувања за вложување во бизнис зделки. Со овие мерки на планот, кој вреди еден насто од американскиот бруто национален доход, ќе бидат опфатени околу сто и седумнаесет милиони семејства. Исто така се предвидува поддршка на тешко погодениот пазар со недвижности и се зголемуваат лимитите на големината на хипотеките што банките можат да ги финансираат. Пакетот е резултат од преговорите меѓу Белата Куќа и Конгресот во кој демократите се во мнозинство. Веднаш по постигнатиот договор американскиот претседател Џорџ Буш оцени:

„Овој пакет содржи вистински политики и вистинска мерка. Иницијативите во овој пакет ќе доведат да поголема потрошувачка и ќе го зголемат бизнис инвестирањето годинава.“

И за претседателката на Претсавничкиот дом на Конгресот Ненси Пелоси, од Демократската партија, станува збор за значајни мерки:

„Мислам дека ова е извонреден пакет, бидејќи им дава пари на американските работнички семејства.“

Изјави Пелоси. Неколкудневните преговори се однесуваа на, како што прецизираат некои медиуми, начините како да им се дадат пари на потрошувачите, а со тоа да се намалат последиците од забавувањето на економијата која може американската економија да ја доведе во рецесија. Старвот од рецесија ги потресе и светските финасиски пазари во текот на неделава. Меѓутоа, тие малку се смирија во очекување на овој стимулативен пакет и откако во вторникот американската централна банка ги намали каматните стапки.
XS
SM
MD
LG