Достапни линкови

Полска и Чешка ги одолговлекуваат преговорите, оценка на аналитичарите


Соединетите држави ги продолжуваат преговорите со Полска и Чешка за анти ракетниот штит што треба да биде разместен на нивните територии. Аналитичарите оценуваат дека двете земји одолговлекуваат со преговорите и чекаат да видат кој ќе го замени Џорџ Буш на претседателската функција во Соединетите држави.

Полска јасно му стави до знаење на Вашингтон дека бара повеќе од она што Соединетите држави му нудеа на поранешниот премиер Јарослав Качински за изградба на ракетниот штит. Повеќето аналитичари оценуваат дека Полска бара начин за воена помош од Вашингтон. Интересите на земјата одат подалеку од борбени авиони, имајќи предвид дека Русија е силно против ракетниот штит. Мајкл Калингарт, специјалист по европски односи на Институтот Брукингс во Вашингтон вели дека полската влада е ,,фатена“ во обидот да одржува односи со Русија и да ги зајакне односите со Соединетите држави.

„Силната реакција од Русија на идејата за штитот предизвикува загриженост во Полска. Тоа не значи дека ненадејно тие ќе го променат курсот за 180 степени. Но, она што во почетокот изгледаше дека ќе биде прифатено без прашања, нема да се случи. Мислам дека друг фактор е што претходната полска влада беше многу про американска, и беше подготвена да прави работи што ќе ги подобрат нивните односи и позиции со Соединетите држави.“

Според Симон Сарфати, директор на Европската програма при центарот за Стратегиски меѓународни студии во Вашингтон, Полска и Чешка каде се планира поставување на американскиот ракетен штит, се обидуваат да ги развлечат преговорите за да видат кој ќе го наследи Буш на претседателското место во Соединетите држави:

„Пољаците и Чесите за ова прашање ќе сакаат да ја видат позицијата на следната администрација. Тие чувствуваат дека можеби треба да почекаат за да се утврди што Американците и Европејците ќе сакаат заедно да направат по 2009-тата и што ќе прават во однос на Русија, па потоа да се донесуваат одлуки според тоа.“

Но, Сарфати вели дека Чесите и Пољаците ,,грешат“ доколку мислат дека не се загрозени.

„Дури и ако денешните извештаи за Иран сугерираат дека Иранците не се движат брзо во развивањето на нуклеарно оружје како што се стравуваше, сепак факт е дека треба да се заштитиме од нерационално однесување. Искрено, ако Пољаците и Чесите не сакаат тие работи да бидат разместени на нивна територија, во ред. Ќе најдеме други места за да ги направиме.“

посочува Сарфати.
XS
SM
MD
LG