Достапни линкови

Властите на Косово најавија дека процесот на прогласување независност влегува во завршна фаза


Косовскиот премиер Хашим Тачи допатува во Брисел каде денеска ќе има средби со највисоките претставници на Европската Унија и НАТО. Очекувањата се дека на средбите ќе биде договорен тајмингот кога Косово ќе прогласи независност и испраќањето на мисија на ЕУ во Покраината. Деновиве косовските власти соопштија дека процесот на прогласување независност влегува во завршна фаза.

Претседателот и премиерот на Косово, Фатмир Сејдиу и Хашим Тачи изјавија дека многу бргу Косово ќе прогласи независност, истакнувајќи дека тоа ќе биде сторено во координација со Соединетите Држави и Европската Унија. Косовските власти најавија дека најпрво ќе ги извршат сите неопходни подготовки, по што ќе го објават датумот на прогласување независност. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу изјави:

„Динамиката е се појасна и за кусо време, после уште неколку важни состаноци, во координација со пријателите на Косово, ќе знаеме кога косовското Собрание ќе ја донесе одлуката.“

изјави Сејдиу. Премиерот Хаишим Тачи пак истакнува дека со претседателот разговарале за координирање на чекорите со Вашингтон и Брисел во процесот на решавање на статусот:

„Разговаравме во врска со тоа како што поуспешно преку единствена политика на Косово и во соработка со меѓународната заедница да го завршиме прашањето за статусот.“

рече Тачи. Политичките аналитичари сметаат дека одлуката на Косово да прогласи независност во координација со западот, подразбира дека Косово ќе им даде извесни гаранции на Соединетите држави, Европската Унија и регионот. Аналитичарот Рамуш Тахири посочува:

„Главен предуслов е гаранцијата за функционирање на државата и дека тоа ќе може да се контролира. Потоа, гаранции дека независноста е прифатлива за мнозинството од населението на Косово и државите во регионот.“

вели аналитичарот Тахири кој додаде дека Косово ќе даде гаранции за почитување на предлогот на Марти Ахтисари преку кој им се дава значителни права на српската заедница. Кога станува збор за датумот за прогласување независност, Тахири вели дека повеќе нема пречки за прогласувањето независност, посебно доколку тоа се случи по вториот круг од претседателските избори во Србија:

„За координирано прогласување независност со меѓународната заедница веќе не постои ниту една пречка. Доаѓањето на мисијата на Европската Унија ќе биде основен предуслов државите поединечно да го признаат статусот на Косово.“

посочува аналитичарот Тахири.
XS
SM
MD
LG