Достапни линкови

Полскиот фотограф Марчин Сојка пред македонската публика со изложбата „Меланхолија“


По изложбите во Краков, во Мадрид - Шпанија и во Сеса Аурунка, во Италија, Марчин Сојка, кој не е професионален фотограф, но подолго време доста успешно и вон границите на родната земја се занимава со уметноста, еве го во Македонија. За неговата постановка во Културниот центар ТОЧКА се вели дека тоа не е проект во кој авторот се труди документарно да го прикаже животот околу себе, туку да ја претстави психолошката состојба на луѓето надвор од контекстот во кој се наоѓаат.

„Интересен е склопот помеѓу фотографскиот медиум како нешто многу конкретно како нешто што доловува еден конкретен свет и од друга страна апстрактноста на емоциите или расположенијата што тој може да ги предизвика. Марчин на многу интересен начин игра со самиот медиум на фотографијата. Некаде зголемувајќи ги, а некаде намалувајќи кадрите всушност се обидува да раскаже еден фото-есеј кој наликува на роман.,,

истакнува Владимир Јанковски, еден од организаторите на оваа несекојдневна фотоизложба. А, Марчин Сојка, пак, говорејќи за она што го мотивира ќе забележи:

„Ова за мене во некоја рака е самопронаоѓање. Се обидувам да ѕирнам во темнината и да творам во услови за кои не сум однапред подготвен како светлото, времето. Едноставно го работам она што го сакам. Секогаш се обидувам да експериментирам.“

Запрашан, пак, за тоа дали неговите фотографии се одговор на туробноста на времево во кое живееме, полскиот уметник, вели дека него не го возбудува документирањето на реалноста, туку дека тој се води од сопствената интуиција и дека повеќе љуби да трага по емоциите отколку по политичките или економските случувања во светот. Инаку, изложбата на Сојка ќе трае до крајот на јануари, а паралелно во ТОЧКА ќе се одвиваат уште неколку проекти за што Јанковски дополнува:

„Имаме проекција на групата ,,Слободен Софтвер“ каде што таа редовно проектира филмови кои што се ослободени од копирање, потоа продолжуваме со активностите на нашиот проект ,,Филантропски шешир“ каде што се обидуваме да ги натераме луѓето, индиуалците и припадниците на бизнис секторот во однос на културата да размислуваат по самосвесно и да донираат.“
XS
SM
MD
LG