Достапни линкови

Клучот за победата во вториот круг е кај Коштуница, сметаат аналитичарите


Успехот на радикалот Томислав Николиќ во првиот круг од претседателските избори во Србија, според некои западни експерти, е последица од фрустрацијата на србите поради тоа што не е прекината серијата стратегиски порази од почетокот на распаѓањето на поранешна Југославија. Тие се на став дека премиерот Воислав Коштуница го држи клучот за победата во вториот круг.

Предноста на Томислав Николиќ не може да се објасни само со незадоволството на србите од можноста Косово да стане независно, вели за Радио Слободна Европа Џонатан Ајл, експерт во Британскиот кралски институт за одбранбени и безбедносни студии:

„Јасно е дека статусот на Косово играше важна улога во предизборната кампања, иако не треба да се предимензионира, бидејќи позицијата на Николиќ беше иста како и кај другите кандидати кога станува збор за Косово. Ниту еден не прифаќа еднострано прогласена независност.“

Вели Ајл, додавајќи дека решавачка улога во вториот круг ќе има Воислав Коштуница. ,,Тоа всушност стана традиционален проблем во Србија. Ако демократските сили се разединети, радикалите победуваат,, оценува тој. Ендрју Денисон, директор на Трансатлантската мрежа со седиште во Бон пак, вели дека резултатите од првиот изборне круг се разочарувачки, но не и безнадежни.

„Европската Унија се наоѓа во деликатна ситуација, бидејќи никој не сака да биде уценуван, па ни Брисел не сака да наградува закани. Истовремено и Тадиќ не може да нуди само празни ветувања дека неговата победа ќе гарантира европска иднина.“

Наведува Денисон, додавајќи дека Брисел ќе мора да ја вложи сета своја дипломатска вештина за да ги убеди граѓаните и политичарите во Србија дека нивната иднина е во евроатланските интеграции.

„Во геополитиката можете да ги избирате пријателите, но не и соседите. Доколку Србија реши да продолжи по патот спротивен на интересите на другите земји во нејзино соседство, тогаш таа ќе биде изолирана. Ако Србија се определи за насилство, тогаш и Унијата ќе одговори со сила.“

Според Денисон, Европската Унија нема да се раководи од личности, туку од политиката на Белград и ако Николиќ е подготвен на компромис и соработка, тогаш Западот секако ќе разговара со него. ,,Ако пак го зајакне национализмот па и насилството, тогаш Брисел адекватно ќе реагира, вклучувајќи и употреба на сила,, вели Ендрју Денисон.

„Јасно е дека Европската Унија е загрижена. Во изминатиот викенд под словенечко претседателство се разговараше за механизмите како Косово да стане независно, а истовремено Србија да не биде понижена. Во таа смисла е и предлогот за укинување на шенгенските визи и потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.“

Оценува Џонатан Ајл од Британскиот кралски институт за одбранбени и безбедносни студии.
XS
SM
MD
LG