Достапни линкови

Потребен е респект и толеранција, а сите етнички групи треба да учат од еден учебник


Историјата како наука има големо влијание врз градењето на меѓуетничките односи,сметаат историчарите. Тодор Чепреганов, директор на инститиутот за национална историја вели дека историјата може да ги разедини,а може и да ги зближи народите.

„Историјата може да биде опасна како атомска бомба ако на учениците им предавате за нетолеранција и омраза, дека вашиот сосед или пријател во текот на историјата ви направил големо зло и тоа го повторувате постојано, сигурно дека во свеста на детето коешто е најподложно на примање информации во тие адолесцентни години ќе излезе со предрасуди,“

објаснува Чепреганов и додава дека до пред неколку години во државава се изучувало историја во која не биле запазени другите етнички групи:

„За тоа сме сведоци секојдневно имајќи ги предвид и нашиве учебници до 2000 година, во коишто пред се доминираше еднонационалната историја и од едната и од другата страна, бидејќи сигурно е дека во мулти етнички општества многу е тешко да се најде решение за одредени работи, мора да го респектирате секој, но респектот и толеранцијата треба да бидат присутни меѓу сите етнички заедници кои живеат на една територија.“

И историчарот Музафер Бислими вели дека историјата има влијание врз градењето на иднината на една држава.

„Ние како општество ако ги форсираме позитивните нешта, што ги има многу низ историјата, ќе има позитивно влијание, затоа што сите велиме дека историјата е мајка на сите науки и фактички за да видиш што ќе биде во иднината треба да ја знаеш историјата.“

Тој исто така посочува дека во учебниците по историја кои биле изучувани до 2001 та година поголем акцент било ставено за изучување на балканските и европските народи.

„Историјата пред 90 година знаеме како било и пред 2001 година. Има многу разлика после 2001 година, се направија нови програми, на пример, има повеќе лекции за Албанците, и јас сум за тоа сите ученици без разлика на вера и нација да учат од еден учебник, а не од два – три. Така што би требало и Македонците да ја знаат историјата на Албанците и обратно.“
XS
SM
MD
LG