Достапни линкови

Министерот Милошоски нуди декларација за пријателство и добро соседство


Декларација за пријателство и добрососедство, тоа е она што шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски и го понуди на грчката страна на почетокот од денешните преговори меѓу македонскиот и грчкиот преговарач Никола Димитров и Адамантиос Василакис, а во присуство на посредникот на ОН Метју Нимиц. Главните поенти на декларацијата се афирмација на ставот на Македонија дека нема и нема да има територијални претензии кон јужниот сосед, како и формирање на заедничка образовна и историска комисија во која би биле вклучени историчари и експерти со цел двете страни да се запознаат и да разговараат околу фактите што се сметаат за проблематични од другата страна. Грција е на потег, велат од владата и очекуваат позитивен став од грчката страна. На крајот од денешната средба, Василакис би требало да каже дали Грција ја прифаќа понудата за декларација, која би требало да ја потпишат македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи.

Од друга страна пак, шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани пред грчкиот национален совет за надворешни работи неодамна изјави дека Грција нема да прифати градење мерки за доверба, како контра баланс за уставното име. Пред почетокот на овие директни преговори, македонската страна уште еднаш ја потврди својата позиција, односно да нема отстапки од Уставното име за меѓународна употреба. По вчерашните консултации со грчката амбасадорка во земјава Александра Пападопуло, пред денешните разговори преговарачот Василакис пак изјави дека грчката страна направила големи отстапки во спорот со името.

„Грчката влада направи гигантски чекор од тоа што беше нејзина позиција во минатото и се надеваме дека вашето лидерство ќе го разгледа тоа внимателно и позивно, бидејќи не се работи за билатерално прашање туку за прашање што е поврзано со безбедноста во регионот и мирниот соживот,“

рече Василакис.

Од Грција, неколкупати до сега беа упатени пораки дека доколку Македонија не го смени уставното име, таа ќе биде принудена да стави вето на нејзиното членство во НАТО. Македонскиот државен врв пак е на ставот дека проблемот со името е билатерално прашање, и дека двојната формула е единствено профатливо решение. Односно, уставно име за меѓународна употреба и сложено име за комуникација со Грција.
XS
SM
MD
LG