Достапни линкови

Води Томислав Николиќ со над 39,5 насто пред Борис Тадиќ со 35,5 насто


По вчерашниот прв круг од претседателските избори во Србија. Води кандидатот на Српската радикална партија Томислав Николиќ кој освои над триесет и девет ипол насто од гласовите, пред актуелниот претседател, кандидатот на Демократската партија Борис Тадиќ со добиени скоро триесет и пет ипол проценти. На изборите излегле над шесет и еден насто од избирачите.

Во вториот круг од претседателските избори во Србија, закажан за третти идниот месец, ќе одат радикалот Томислав Николиќ, пред актуелниот претседател, демократот Борис Тадиќ. И двајцата изразија очекување дека тогаш ќе однесат убедлива победа. Тадиќ, по соопштувањето на резултатите, изјави:

„Со голем оптимизам гледам на тој втор круг и апсолутно сум убеден во нашата победа на крајот од овие претседателски избори. “

Тадиќ додаде дека нема да дозволи премиер на Србија да биде Воислав Шешељ, а претседател Томислав Николиќ. Радикалот Николиќ пак, оцени дека резултатите се основа за негова победа во вториот круг:

„Србија покажа дека целосно ја разбира мојата желба за промени. Кампањата беше тешка. Но, ние создадовме основа за победа и во вториот круг. Никогаш не бевме поблиску на промените.“

Изјави Николиќ, најавувајќи дека веднаш ја почнува кампањата за вториот круг. Според посматрачите, и на Николиќ и на Тадиќ им треба дополнителна поддршка за да победат на третти февруари. За повеќето од експертите, најбитно е за кој ќе се реши премиерот Воислав Коштуница. Имено, како што се оценува, вчерашните резултати одговораат на силата што ја поседуваат партиите на Николиќ и на Тадиќ и оти сега е најважно однесувањето на гласачите на Нова Србија и на Демократската партија на Србија на премиерот Коштуница. На вчерашните избори кандидатот на Нова Србија Велимир Илиќ освои над седум проценти, четвртото место го зазеде кандидатот на Социјалистичката партија Милутин Мркоњиќ, а петтото лидерот на Либерално демократската партија Чедомир Јовановиќ.

„Резултатите од изборите на некој начин се очекувани. Проценувам дека Николиќ и Тадиќ во вториот круг ќе имаат подеднакви шанси Николиќ смета на поддршката на Мркониќ. Тадиќ на Јовановиќ. Во таква ситуација, клучно е за кој ќе се определи Коштуница.“

Се согласува и заменик директорот на Хермановиот Институт на Универзитетот Колумбија Гордон Бардош, додавајќи дека Брисел од своја страна ќе се обиде да му помогне на Борис Тадиќ со потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и со укинување на шенгенските визи за српските граѓани.
XS
SM
MD
LG