Достапни линкови

За ДПА отстранување на недостатотоци, за опозицијата „козметика“ без суштинско значење


Незадоволството од ангажманот на одредени функционери на ДПА е причината за поднесените колективни оставки до партискиот претседател Мендух Тачи, вели Гари Каба пратеник на таа партија. Тој изјави дека зад овој чекор не стои незадоволство од позицијата на ДПА во владата и дека тој нема да предизвика голема реконструкција, туку ќе се постават неколку нови функционери на местото на оние што не успеале да ја остварат партиската програма:

„Мора систематски да се преземат мерки, недостатоците на некои функционери да се отстранат и да се постават поактивни и попрагматични луѓе.“

Не соопштувајќи кои функционери би можеле да заминат од функцијата, бидејќи за тоа треба да одлучи претседателот Мендух Тачи тој рече дека станува збор за внатре партиско прашање кое треба да биде разрешено во текот на неделата:

„Во текот на неделата се ќе се реши. Не е некој голем потрес. Ќе има некои владини промени и разместувања, на некој начин, и може да се смени и некој директор.“

За опозицијата овој потег е доказ за несериозноста на владечката коалиција. Лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска изјави дека на овој начин се губи време откако претходно несериозно однесување имале и во изминатите 12 месеци. Со закани за напуштање на коалицијата и ретерирање во позициите:

„Го оценувам како уште една од низата потези на Тачи да се одржи на политичката сцена во Македонија. Апсолутно сето тоа е да се рефлектира пред јавноста некакаква колективна одговорност, отколку дека ќе влијае суштински на владината коалиција.“

„Мислиме дека тоа е поговорката се тресела гората, се родил миш. Така што, ништо ново нема да има, ДПА свесно ја има таа позиција во владата, што ја имала, несериозна позиција.“

изјавија Роза Топузовска од ЛДП и Рафиз Алити од ДУИ.

Иван Анастасовски од НСДП изјави дека се работи за прашања внатре во партијата. До овој потег дојде откако анкетата на ИРИ направена минатиот месец покажа дека владеачката партија има рејтинг од 5 насто, за разлика од ДУИ која има поддршка од 11 насто. По дефинирањето на оставките, владата немаше коментар, освен кусата изјава на владиниот портпарол дека премиерот Никола Груевски одржува редовни контакти со лидерот на ДПА.
XS
SM
MD
LG