Достапни линкови

Ален Бергант, амбасадор на Република Словенија во Македонија. Словенија ќе направи се што е во нејзина моќ да ја придвижи Македонија поблиску до ЕУ


Македонија во текот на македонското претседателство се надева на поддршка за добивање на датум за отпочнување на преговорите за членство во Унијата . Колку се реални ваквите надежи со оглед на тоа што во последнава година пристигнуваа големи забелешки од Брисел што се однесуваа на застојот во реформите?

Можам да ветам дека Словенија ќе направи се што е во нејзина моќ да ја придвижи Македонија што поблиску до ЕУ. Ја повикуваме и македонската страна да го направи своето тука. И јас мислам дека по извештајот на Европската Комисија кој беше објавен во ноември, е направен голем напредок. Лидерската средба на претседателите на четирите најголеми партии на 30 ноември ја оценуваме како политички пресврт. Оттогаш наваму беа сторени огромни работи. На пример донесени беа двата закони за обвинителството, потоа законот за Комитет за меѓуетнички односи, со кој се одреди кои закони би се носеле со Бадентерово мнозинство. Потоа два суда почнаа да работат, Управниот суд и апелацискиот суд во Гостивар. Донесени беа бројни европски закони, ако не се лажам 13 од 15. Значи мислам дека Македонија е во тоа на вистинскиот пат. Што се однесува пак до толку посакуваниот датум, јас мислам дека во текот на словенечкото претседателство не ја исклучуваме таквата можност но и тука мораме да бидеме реални. Јас лично мислам дека во 2008 година Македонија сигурно ќе добие датум за започнување преговори за членство. Ако Владата продолжи со овој интензитет на реформите, мислам дека не е исклучено, односно дека најверојатно Македонија ќе добие датум за преговори. Се разбира пред тоа очекуваме позитивен ноемвриски извештај на Европската Унија. Значи, задачата на Словенија е да создаде добри услови за Франција која го презема претседателството по нас, да има што полесна работа за да може Европската комисија во својот извештај кој ќе биде објавен во ноември да му предложи на Советот на Европа во декември да го даде и датумот за почнување на преговорите за членство, и тоа Франција да го објави на заседанието на европскиот совет, значи во декември, а потоа преговорите да речеме да почнат во 2009-та. Словенија тука многу блиску соработува како со Комисијата така и со Франција. Неодамна имавме средба, нашиот премиер се сретна со францускиот претседател Саркози во Париз, а минатата сабота во Љубљана беше францускиот министер за надворешни работи Кушнер. Работиме во таа насока, ќе ги вложиме сите напори, но една работа во која можеме да помогнеме е таканареченото почнување на дијалогот за визна либерализација. Со оглед на тоа што од 1 јануари започна да важи договорот за визни олеснувања и реадмисија, следен чекор кон постепена визна либерализација е дијалогот кој ќе го започне Европската комисија, и јас мислам дека тоа ќе биде со сите држави од Западен Балкан истовремено. Не го знаеме точниот датум, тоа сигурно ќе биде во првата половина на нашето претседателство, тоа значи со сите држави од Западен Балкан истовремено, но секоја држава ќе се оценува поодделно според своите успеси. И јас тука ја гледам Македонија како еден навистина добар пример, затоа што издавате биометриски пасоши, надзорот, контролата на границите е навистина добра, потоа стапката на корупцијата и организираниот криминал е мала. Всушност, успехот на словенечкото претседателство го гледам во почнувањето на дијалогот за визна либерализација, како и на Франција, како наша наредна пријателска држава која ќе го преземе претседавањето, да и ја олесниме работата и Македонија да ја донесе до саканиот датум за почнување на преговорите.

Во која мера оценувате дека грчките лобирања околу спорот со името можат да бидат пречка во напредокот на Македонија кон евроинтеграциите со оглед на тоа што Грција најавува вето на приемот во НАТО?

Словенија се надева дека тоа нема да биде нов критериум или пречка како што сами рековте за вклучување на Македонија во Европската Унија. Овде треба да ги споменеме, всушност да ги поздравиме најавените средби на кои треба во Македонија да се сретнат претставниците од Македонија и од Грција под покровителство на посредникот Метју Нимиц. Ние го поддржуваме напредокот на тој дијалог, дијалогот треба да се води меѓу Атина и Скопје под покровителство на посредникот на ОН, амбасадорот Метју Нимиц.

Очекувате дека имaте ќе биде услов за приближувањето кон Унијата?

Се надевам дека не.

Интегрирањето на земјите од Западен Балкан Словенија си го постави високо на листата на приоритети . Кои се вашите аргументи во прилог на овој приоритет и кои конкретни чекори ќе бидат преземени во оваа насока?
Словенечкото претседателство со ЕУ си постави пет приоритети. Еден од нив е проширувањето со земјите од Западен Балкан. Зошто западен Балкан?

Секое претседателство си зема свое подрачје во светот. На пример, Португалија ја зеде Латинска Америка или Африка, претходно Германското претседателство беше повеќе насочено кон централна Азија, така словенечкото претседателство се насочи на подрачјето кое го познава најдобро, кое и е најблиско и на кое сака да му помогне. И Словенија ја гледа својата цел, својот фокус во тоа да им помогне на државите на Западниот Балкан. Тука има различни држави. Тука се двете земји кандидатки- Хрватска која има датум и која води преговори и Македонија на друга страна која очекува датум, потоа тука се држави кои имаат потпишано договор за стабилизација и асоцијација и држави кои се уште се залагаат за тоа. Значи нашата желба е Србија до крајот на јануари да го потпише таканаречениот договор за СА. Како што знаете климата во овој момент во ЕУ не е најдобра за тоа, затоа нашиот министер во среда ќе отпатува во Хаг каде што ќе се сретне со новиот обвинител и се разбира и со холандскиот министер и со холандските парламентарци. Тука е и Црна Гора. Словенија си поставува задача Црна Гора да направи чекор напред. Во последнава година голем напредок постигна Албанија, имаме петнаесет ратификациски процеси во тој договор и многу е можно во текот на нашето претседателство или подоцна во текот на француското и Албанија да добие статус на кандидат. Потоа тука е и Босна, која нашиот премиер ја оцени како поголем залак. И Босна во последно време оди во вистинската насока. Значи, Словенија сака да го приближи Западниот Балкан што поблиску до ЕУ, бидејќи тој простор од Словенија до Грција треба што поскоро да се исполни.
Словенија и реално „го наследи“ косовскиот проблем.

Што очекувате дека ќе се случува во рамките на ова прашање во наредните 6 месеци?

Тешко е да се предвиди што ќе се случи со Косово. Словенија има многу добри односи како со Приштина, така и со Белград. Затоа како претседавач на Европската Унија предлагаме посебна работна група за приближување на Србија кон Европската Унија. Мислиме дека е многу потребно да не ја изгубиме Србија пред претседателските избори. Ги поддржуваме европските сили во Белград. Што се однесува до Косово, Словенија го поддржува таканаречениот план на Ахтисари кој го гледа како единствена реална можност, дека сегашниот статус кво не е добар и не може да продолжи и оти внатре во Европската уније потребно е да се најде согласност па и заедно со Америка, по прогласувањето на независноста, ако навистина прогласат независност како што најавија, некаде по претседателските избори во Србија. Се залагаме за едногласна позиција на сите членки на Европската Унија, поточно, тоа ни е главната цел, усогласеност на ЕУ по тоа прашање. И да не излезе ниту Белград, ниту Приштина, односно да нема победници и губитници во тој процес.

Очекувате ли безбедносни импликации врз регионот од решавањето на финалниот сттаус на Косово?

Јас мислам дека по Балканските искуства кои ги искуси и Словенија како и вашата земја, научивме дека тоа не смее да се повтори, односно дека не смее со сила и со воени средства ништо да се работи и оти единствено средство е дијалогот односно сето тоа да се реши по мирен пат. Затоа што сите држави од Западен Балкан си посакуваат едно исто- да се вклучат во европските и во евроатлантските интеграции.

Дали безбедносните стравувања го одредија вашиот највисок приоритет во текот на претседателствувањето- интегрирањето на Западен Балкан во Унијата?

Дефинитивно, токму затоа и Словенија се залага за тоа сите три држави членки на јадранската група да добијат покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во април, затоа што мислиме дека тоа ќе биде дополнителен сигнал оти регионот на западен Балкан ќе се стабилизира. Во тој регион ќе имаме нови членки Хрватска, Албанија и Македонија. Тоа претставува стабилизација.
XS
SM
MD
LG