Достапни линкови

Колку традициите стануваат комерцијален настан кој ја губи основната смисла и порака?


Со флрањето на крстот во водите што го симболизира Исус Христос во реката Јордан и неговото крштевање, православните верници го одбележуваат празникот Водици. Може да се види дека луѓето сакаат да учествуваат на чинот на фрлање на крстот и дека се помасовно излегувањето кај реките каде што се осветуваат водите, а оној што ќе го фати крстот добива награда.

„Ова е стар обичај. Фрлањето на крстот во водата всушност го симболизира Христа во реката Јордан и неговото крштевање. И тој процес се повторува 2000 година,“

вели отец Коста Станоевски од скопската епархија.

Но, наградите не се тие на коишто треба да им се придава најголемо значење или пак на собирањето крај реките, зашто луѓето најнапред треба да им посветат внимание на литургиите во црквите, вели отец Партение од манастирот Јован Бигорски, додавајќи дека верските празници не треба да се претвораат во спектакли:

„Луѓето повеќе се собрани и чекаат да дојдат свештениците и Владиката на реката или езерото отколку што се на самата литургија која е најважна на тој празник. Ние после светата литургија одиме да го одбележиме крштевањето на господ Исус Христос со осветување на водите. Значи, тоа е најважното, а не да се собираме и да направиме спектакл гледајќи како некој ќе го фрли крстот.“

Тој се согласува дека верските празници во последниве години добиваат на масовност меѓу верниците, но потсетува дека е потребно и познавање на религијата, во спротивно според него, се случува луѓето да ги одбележуваат празниците според обреди за кои слушнале од околината, како на пример палењето на Бадниковите огнови, кои се сметаат за пагански елементи:

„Тоа е непознавање на религијата и после падот на комунизмот луѓето од незнаење сакаат некако да го прослават празникот и слушнале од околината и самите си додале нешто и така настануваат тие пагански обичаи за жал.“

Црковните лица велат дека среќата на оној кој ќе го фати крстот треба да се сфати во духовна и во етичка смисла:

„Всушност, фаќањето на крстот е доближување до бога во етичка смисла и секогаш се верувало дека оној што ќе го фати крстот да се награди, да му ја честитаат среќата, но не треба на наградите да се придаваат големо значење, најнапред треба да се посвети внимание на литургијата.“
XS
SM
MD
LG