Достапни линкови

Документот е означен како ,,највисока државна тајна“


Владата на Србија донесе Акционен план кој ќе биде применет во случај на еднострано прогласување на независност од страна на Косово. Српските власти истакнуваат дека станува збор за ,,документ со најголем степен на државна тајна“.

Иако не се обелоденува содржината на Акциониот план за некои мерки што ќе бидат преземени доколку Косово прогласи независност, неодамна зборуваше државниот секретар за Косово Душан Пророковиќ:

„Првиот чекор ќе биде таа одлука да не се признае. Вториот чекор е да се воспостават српски институции на територијата на Косово. Србите кои живеат на територијата на Косово и натаму ќе живеат во Србија. Земјата ќе мора да преземе некои чекори со кои ќе конституира свои органи на локална самоуправа со што би се организирал животот и системот, на крајот на краиштата кој веќе функционира седум години.“

Живорад Ковачевиќ од Европското движење на Србија вели дека ознаката ,,строга државна тајна“ на Акциониот план може да се разбере и како последица од предизборната кампања која е во тек во Србија:

„Мислам дека тоа е резулатат на фактот дека престојат изборите и дека никој не сака да се експонира. Ознаката тајност значи дека работите можеби одат во еден или друг правец, а никој не сака тоа јавно да го каже. Бидејќи станува збор за Акционен план кој ќе се реализира дури после изборите, во најголем дел зависи од резултатите од изборите, кој дел од тој план ќе се релизира.“

вели Ковачевиќ. Пораките од донесувањето на Акциониот план се јасни и повеќе се усвоени за домашни потреби, отколку за потребите на меѓународната јавност, смета Јелко Кацин известувач во Европскиот парламент за Србија. Тој вели дека сака да верува оти мнозинството српски граѓани ќе бидат во состојба да ги препознаат своите интереси:

„Мислам дека пораките се такви какви што се, на некој начин потценување на зрелоста на српската јавност. Јавноста знае дека Србија едноставно нема капацитет да преземе одговорност за развој на институциите, стопанството и приближувањето на Косово кон Европската Унија. Затоа мислам дека Србија пред се треба да мисли на себе си и на своите граѓани.“

посочува Кацин. Извесно во оваа порака на ,,тајност“ е само тоа дека Акциониот план содржи рестриктивни мерки кон Косово, соседите и кон Западот. Колку Србија има моќ некому да му се заканува? Политичкиот аналитичар Владимир Гоати изјавува:

„Моќта на Србија за заплашување е многу мала. А и секогаш постои можност тие мерки да се вратат како бумеранг и Србија да си наштети самата себе си.“
XS
SM
MD
LG