Достапни линкови

Политичарите запираат на усвојување на регулативата и не имплементираат, сметаат познавачите


Македонија во последниот извештај на Фридомхаус е во групата на земји што се оценети како делумно слободни. Се говори за ограничено почитување на човековите права, на начелото на владеење на правото, постоење на корупција, ограничен плурализам, влијание врз медиумите.

Експертската јавност во земјава смета дека вината е кај политичките елити кои не ги следат светските текови, со што се зголемува јазот мегу нас и останатите демократски држави

„На нормативен план ние успеваме и да ги ратификуваме базичните меѓународни документи и дури да донесеме повеќе или помалку соодветна регулатива. Меѓутоа, тука застануваат политичарите,“

изјави Мирјана Најчевска од Хелсиншкиот комитет за човекови права која додава дека тие не одат чекор понатаму или создавње на инструменти за заштита на човековите права.

Вања Михајлова член на претходниот состав на Државната антикорупциска комисија вели дека не само што не се подобрува состојбата, туку таа се влошува, посебно во делот на влијание врз медиумите и тоа се прави на два начини:

„Едниот начин е преку објавувањето на кампањи или огласи постојано. Тоа значи дека се финансираат одредени медиуми, не сите, значи не оние кои се негативно настроени кон власта. Со што на некој начин негативно се влијае и на уредувачката политика. Друго, соочени сме со голем број закани,“

вели Михајова која укажува дека заканите се насочени посебно кон цивилниот сектор.

Претставниците на политичките партии пак укажуваат дека е потребна прво внатрепартиска демократизација ако сакаме да излеземе од оваа група на земји

„Пред се неминовно е партиите да се демократизираат. Тие ја освојуваат власта на избори и ја водат државата,“

изјави Иван Анастасовски од влаедеачката НСДП.

Независниот пратеник Есад Рахиќ смета дека е потребна смена на политичките елити:

„Како да се надмине оваа криза или состојба, јас тоа го нареков транзициона окупација, кога господарите на оваа транзициона окупација се уште во фотељите и главни луѓе во државата многу тешко може да направите било каков пресврт.“

Извештајот на Фридомхаус од 193 земји во кои ја анализира состојбата, 90 ги оценува како слободни, 60 како делумно слободни и 43 како неслободни.
XS
SM
MD
LG