Достапни линкови

Владата мора да го зголеми кредибилитетот на своите пресметки, сметаат експертите


Владата останува на својот став дека годинава ќе имаме економски пораст од 6,5 насто, иако во последниот извештај на Светската банка за светските економски проценки, се предвидува дека тој ќе биде пет проценти. Не ја потценуцваме проекцијата на Светска банка, но нивните заклучоци се базираат на трендовите
во глобалната економија, велат од министерството за финансии.

„Проценките на Светската банка пред се за глобалната економија и тие гледаат некои глобални фактори. Со оглед на фактот што Република Македонија сеуште не е целосно интегрирана во таа светска економија, очекуваме дека тие фактори нема да имаат големо негативно влијание врз нашите движења тука, туку дека напротив ќе имаме во обратна насока зголемување на економската активност,“

изјави Мартин Мартиновски, портпарол на министерството за финансии.

Некои економисти пак велат дека треба да им се верува на прогнозите на релевантните меѓународни институции. Џевдет Хајредини, поранешен министер за финасии вели дека Македонија нема капацитет за да оствари раст од 6.5 насто на бруто-домашниот прооизвод.

„Имаме разни непредвидливи ситуации околу струјата и големите потрошувачи на струја. Ако Силмак се затвори кај Македонија еден капацитет влијае на просечната стапка значително. Не е тоа некоја голема економија. Па, излегувањето на еден погон да не се одрази во растот.“

Марјан Николов од Центарот за економски анализи пак вели дека различните проекции се резултат на различните методологии кои се користат за остварување на одредено истражување. Токму затоа појаснува Николов, не можеме да кажеме која проекција за годинашниот економски раст е пореална.

„Останува само на владата да се избори за сопствен кредибилитет, и на оваа и на секоја наредна влада, да го подигне кредибилитетот на сопствените пресметки, тоа може да се направи само со транспарентно прикажување на резултатите, под кои услови, под кои претпоставки и како е дојдено до нив.“

Во последниот извештај на Светската банка се вели дека економскиот пораст во Македонија ќе достигне до 5, 5 насто во следната година, со што нема да заостанува многу зад другите држави во регионот. Во извештајот се укажува дека технолошкиот јаз меѓу богатите и сиромашните останува многу голем и дека капацитетот на земјите во развој да прифатат нови технологии е слаб.
XS
SM
MD
LG