Достапни линкови

logo-print

Екологистите со став дека ќе ја загадуваат средината, а експертите велат дека штетите се минимални


Изградбата на 28 нови хидроцентрали на сливовите на реките Вардар, Струмица и Црна Река ја подели стручната јавност. Екологистите предупредуваат на нивно штетно влијание врз животната средина. Енергетските аналитичари пак велат дека тие се добри за енергетскиот систем во земјава. Аналитичарот Борис Рикаловски со став дека последиците во однос на животната средина би биле минимални:

„Тоа влијание е скоро минимално, затоа што тоа се чисти технологии, нема никакви загадувања со некакви хемикалии и слично... и се наоѓаат главно во планински предели, така да не би требало да се очекува какво било нарушување на амбиентот каде што се градат.“

Експертите за животна средина пак предупредуваат на можноста од негативно влијание врз животната средина. Евентуалните штети би можеле да се ублажат само ако се користи современа технолошка опрема при поставувањето и работата на хидроцентралата, вели Тони Поповски поранешен министер за животна средина:

„Интервенции од овој тип треба да се одбегнуваат во националните паркови, споменици на природата и во тој случај треба внимателно да се постапува бидејќи штетите врз природата може да бидат поголеми, отколку придобивките од нивната инсталација.“

Поповски посочува дека пред да се почне со изградба на одредена хидроцентрала потребно е да се изработи анализа за влијанието на истата врз околната средина и притоа таа да биде јавна:

„Овие елаборати треба да бидат јавно достапни. Најмалку јавно достапни за она население кое се наоѓа во непосредна близина на локацијата каде треба да се гради мини хидро-централата. Значи треба да се направи јавна расправа за да се процени навистина дали е тоа оправдано.“

На меѓународниот тендер за давање под концесија за вода за производство на електрична енергија од 28 хидроцентрали се пријавија седум домашни и пет странски компании. Според условите на тендерот, компанијата која ќе ја добие концесијата за изградба треба во рок од една година од потпишувањето на договорот да започне со изградба, а таа да биде завршена во период од три години. Малите хидроелектрични централи ќе се даваат под концесија во траење од 20 години.
XS
SM
MD
LG