Достапни линкови

Истрагата сеуште трае, телата префрлени во Институтот за судска медицина на идентификација


Во текот на целата ноќ траеше истрагата на местото на несреќата на армискиот хеликоптер „МИ 17“, кој вчера напладне на враќање од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина се урна кај катлановско Блаце при што загинаa 11 припадници на АРМ.
Доцна синоќа беа пронајдени телата на сите 11 загинати. Телата на загинатите во текот на ноќта се прeнесени во Институтот за судска медицина.
По налог на Владата, Институтот за судска медицина треба во најкус можен рок и согласно сите домашни и меѓународни стандарди и процедури да ја заврши идентификацијата, а доколку е потребно дополнителни анализи и испитувања да се направат и надвор од Македонија.
Имињата на загинатите нема да бидат соопштени се додека трае истрагата, а ден на жалост ќе биде прогласен денот на погребот на 11-темина мировници.
Засега нема информации за причините за несреќата. Очевидци за медиумите изјавија дека слушнале две експлозии.
Местото на несреќата го посетија претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски кои изјавија дека станува збор за огромна трагедија и искажаа сочувство кон семејствата на загинатите.
Владата вчера одржа итна седница, на која е формирана специјална Комисија за испитување на причините за несреќата со која ќе раководи заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров.
Државниот протокол и АРМ се задолжени да ги преземат сите неопходни мерки за згрижување на семејствата и за организација на погребот со сите воени почести. Покрај осигурувањето и 12-те плати кои им следуваат согласно законот, Владата одлучи на семејствата да им додели и еднократна парична помош во износ од 24 просечни плати.
Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана во телефонски разговор вчера вечер на претседателот Бранко Црвенковски му изразил сочувство по повод уривањето на хеликоптерот на АРМ.
„Несреќата е посебно тажна бидејќи Македонија дава значаен придонес на мисијата на ЕУ во БиХ за поддршка на безбедноста и стабилноста на регионот во овој клучен период. Тоа го потврдува прогресот што земјата го постигна во изминатите години. Затоа мојата искрена почит, длабоко сочувство и мисли се со вас во овие тешки моменти„ се наведува во изјавата од Солана.
Хеликоптерот полетал утрината околу 9 часот и 30 минути со дел од членовите на македонскиот хеликоптерски тим од базата Бутмир кај Сараево. Требало да слета на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта.
Македонските мировници се враќале дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА. Останатите осум членови останале во Сараево. Требало да тргнат денеска, но заради лоши временски услови, нивно враќање во Македонија е пролонгирано за в понеделник.
XS
SM
MD
LG