Достапни линкови

МВР демонстрира сила, општината блокирана беспотребно, смета градоналачникот на Арачиново


МВР по вчерашната неуспешна потрага во Арачиново по криминалецот осуден на 7,5 години затвор ќе ја продолжи потрагата по судската потерница:

„МВР ќе продолжи да прибира информации во однос на локацијата каде се наоѓа лицето и ќе постапи по релевантните информации коишто ќе ги добие. Односно, доколку е неопходно ќе спроведе и нова акција,“

вели портпаролот Иво Котевски.

Во акцијата беше употребена преголема сила, обвинува градоначалникот на Арачиново Музафер Бислими. Тој додава дека општината нема ништо против да се уапсат оние кои го прекршиле законот:

„За бркање и апсење на еден човек да се употреби толкава сила и да се блокира цела општина, дури и дел од општина Гази Баба мислам дека ствара лоша слика и ние тоа го сфаќаме како демонстрација на сила.“

Полицијата настапи професионално, внимавајќи да не дојде до поголеми нарушувања на јавниот ред и мир и во акцијата не е направена материјална штета, одговара на обвинувањата Котевски:

„Впрочем, за тоа сведочи и фактот дека во текот на вчерашниот и денешниот ден, од страна на градоначалникот, ниту пак на некој од жителите не е стигната никаква поплака до секторот за внатрешна контрола.“

Од друга страна, Бислими тврди дека жителите на селото биле многу вознемирени:

„Од сабајле почнаа да се јавуваат. И командирот на полициската станица немаше информации. После кога почнаа да се добиваат информациите почна да се смирува ситуацијата и за среќа немаше инцидент.“

Полицијата пак сеуште не го расчисти убиството на 71 годишниот Крсто Јаневски кое ден пред Нова година се случи токму во Арачиново. Додека во МВР велат дека истрагата е во тек, Беслими апелира за што побрзо расветлување:

„Во Скопје секојдневно се случуваат две три убиства, ако одиме по таа логика, тогаш тоа е понебезбедно од Арачиново илјада пати. Ние апелиравме до МВР што побрзо да се расчисти случајот и да излезат со име и презиме за човекот што го сторил тоа,“

објаснува Беслими.
XS
SM
MD
LG