Достапни линкови

logo-print

Косово не може да предизвика поширок конфликт во регионот


Косово не може да предизвика поширок конфликт во регионот, вели во разговорот за Радио Слободна Европа Томас Валашек директор за надворешна политика и одбрана при лондонскиот Центар за европски реформи. Тој посочува дека е извесно оти Косово еднострано ќе прогласи независност, но вели дека тоа не би предизвикало драматични ситуации на теренот.

Многу аналитичари предвидуваат неколку сценарија во врска со статусот на Косово, како тоа дека Приштина ќе прогласи еднострана независност, поделба на Косово и радикализација на настаните и на Косово и во Србија. За тоа колку овие сценарија се реални, Томас Валашек од лондонскиот центар за европски реформи вели:

„Тешко е да се говори за одредени сценарија, но една работа е реална во овој момент. Случувањата на теренот, косовските активности и оние на српската влада ќе го одредат натамошниот тек на случувања. Сепак промените на теренот нема да бидат толку драматични, како што некои прогнозираа. Извесно е дека ќе дојде до еднострано прогласување на независност, но доколку НАТО ги постави добро своите ,,карти„ на Косово и ги заштити интересите на српската зедница, а косовската влада по прогласувањето на независност продоложи да работи онака како што зборува, дека е подготвена да ги заштити србите на Косово, тогаш навистина не треба да се очекуваат драматични случувања.“

Валашек до некаде се согласува со предупредувањата дека решавањето на косовскиот статус може да влијае врз случувањата во Босна и Херцеговина, како и во Македонија, но не смета дека Косово може да предизвика поширок конфликт:

„Би било смешно и неодговорно да се тврди дека Косово може да предизвика домино ефект во регионот, а со тоа и нов поширок конфликт. Дури и босанските срби неодамна се изјаснија дека Косово не е модел за Босна, бидејќи оваа земја има свои проблеми сосема различни од оние низ кои минува Косово. И доколку Косово прогласи независност, тоа незначи дека дека и Република Српска ќе прогласи независност, од што повеќе се плашат некои на Западот отколку во Босна.“

истакнува Валашек кој додава дека за Европската Унија ќе биде многу тешко да влијае врз Србија доколку дојде до радикализација на политичките случувања:

„Пораките кои деновиве доаѓаат од Србија се дека тие веќе не се заинтересирани за членство во ЕУ. Затоа мислам дека е важно што Европската Унија ќе и понуди на Србија освен членството. Би требало да се овозможи развој на трговијата, помош во развојот на граѓанското општество, нешто што не е поврзано со членство во Унијата. Затоа што доколку радикалите ги добијат претседателските избори, ветувањата за членство во ЕУ повеќе нема да има големо значење за Србија.“
XS
SM
MD
LG