Достапни линкови

Владата е осудена на неуспех, оценува косовската опозиција


Парламентот на Косово се очекува денеска да го утврди составот на новата влада со која ќе раководи лидерот на Демократската партија Хашим Тачи. Влада која е осудена на неуспех. Вакви се оценките на политичките партии кои не влегоа во коалицијата меѓу до вчера двете ривалски партија Демократскиот сојуз на Косово и Демократската партија на Косово.

Aлијансата Ново Косово, според заборовите на нејзиниот потпретседател Ибрахим Маколи, смета дека станува збор коалиција која нема да гарантира ефикасност на органите и на иституциите со оглед на тоа што таа е составена од две политички партии кои се најголеми меѓусебни противници.

„Ние пред јавноста ќе појасниме дека колаицијата меѓу нив уште на стартот е осудена да неуспее бидејќи станува збор за непринципелна коалиција која не обезбедува ефикасно владеење и унапредување на демократијата.“

Алијансата за иднина на Косово пак смета дека во овој случај се работи за тесни политички интереси кои ќе им донесат штета на политичките процеси на Косово. Потпретседателот на Алијансата Ахмет Исуфи вели:

„Компромис е постигнат врз некои тесни партиски интереси, бидејќи, како што знаете, членовите и на Демократската партија и на Демократскиот сојуз беа против таквата коалиција.“

И Беса Гаџери, потпретседателка на Демократскиот Сојуз на Дарданија, партија која беше создадена по расколот во Демократскиот сојуз на Косово кон крајот на две илјади и шеста година смета дека новата коалиција значи газење на довербата на гласачите:

„Граѓаните на Косово, иако во мал број излегоа на гласање, се изјаснија за промени и реално овие две партии го доведоа во прашање легитимното право на граѓаните и го потценија нивниот глас, бидејќи не дојде до никакви промени.“

Вели Гаџери, додавајќи дека коалицијата била направена поради бизнис интересите на одделни групи и поединци и оти нема да придонесе за развој на парламентарната демократија, бидејќи на Косово нема да постои вистинска опозиција. Незадоволни од оваа коалиција не се само партиите кои останаа во опозиција, туку и некои членови во сега владејачките партии. Еден од нив е министерот за култура во заминување и член на претседателството на Демократскиот сојуз на Косово Астрит Харачија:

„Ја почитувам одлуката на претседателството, но лично сум незадоволен, бидејќи министерствтата кои му се доделени на Демократскиот сојуз се многу малку и тоа докажува дека нашата партија била игнорирана.“
XS
SM
MD
LG