Достапни линкови

Агенциите за недвижности имаат се поголема доверба кај граѓаните


Тргувањето и изнајмувањето на станови и деловни простории за многумина значи сигурна егзистенција. Скопјанецот Бранко кој по враќањето од странство започнал со издавање на соби за студенти вели дека за него ова е дополнителен приход.

„Просторот во куќата која ја изградив, не ни беше потребен бидејќи бев на работа во странство, па беше изнајмен на една фирма. Кога се вративме тука, имав локација, направив друга куќа. Бидејќи имам два сина, планирам едната куќа да остане на едниот, другата на другиот, така што не ми е тоа основна дејност, туку имаме вишок простор, па тоа ни е дополнителен приход во фамилијата,“

објаснува Бранко и додава дека луѓето за неговите простории дознаваат од огласите кој ги доставува по дневните весници.

„До сега не сум имал негативно искуство, имам доверба во луѓето.“

За Агенциите за недвижности сепак луѓето кој ги издаваат своите простории преку огласите кои секојдневно излегуваат по весниците не преставуваат нелојална конкуренција.

„Непознавајќи ја таа проблематика многу често се случуваат немили настани од кои пак има други последици, најчесто финансиски, па и огорченост меѓу двете страни. Значи, не го доживуваме тоа од аспект на нелојална конкуренција, но среќни сме што се повеќе луѓето се едуцираат и бараат услуга од професионална агенција,“

вели Елена Пандева Китрозовска од Агенцијата за недвижности Жикол и додава дека во тек е формирање на асоцијација за агенции за недвижности која ке придонесе за дефинирање на нивниот статус, обврските и правата што една агенција треба да ги има.

„Моментно работиме на предлог закон којшто сеуште не е дооформен. Се надевам дека и ние ќе си помогнеме, но и ќе ја иницираме државата како најдобро може да ни помогне за да ги заштитиме и двете страни во овој процес на продавачи и купувачи и ние како посредници.“

И експертите велат дека купопродажбата на станови или пак нивно рентање кое оди преку огласи не преставува нелојална конкуренција за агенциите за недвижности.

„Во однос на купо продажбата на деловниот или станбениот простор, дали тоа да оди индивидуално или преку агенција, би рекол дека тоа е право и одлука на секој поединец и не станува збор за нелојална конукренција,“

објаснува Зоран Ивановски професор на Европскиот универзитет.

Имено, во просек, цената на изнајмен поголем стан во Скопје изнесува 365 евра, а на гарсониера или еднособен - 145 евра. Во зависност од тоа дали станот е празен или наместен, цената на изнајмен квадратен метар изнесува од 2,8 па до 10 евра. Во поголемите европски метрополи, таа разлика е помала. На пример во Брисел изнесува од 6 до 11 евра, во Амстердам од 8 до 11, а во Виена од 5,2 до 12 евра. Во регионот, Загреб има најскап изнајмен квадратен метар од 21 евро, а во Љубљана цените се од 5 до 11 евра.
XS
SM
MD
LG