Достапни линкови

logo-print

Полицијата ги казнува жените што носат кратки капути и шапки наместо шамии


Официјални претставници на Техеран почнаа нова фаза во спроведувањето на исламското облекување кај жените. Полицијата е на улиците во главниот град на Иран и ги конфронтира жените кои ги прекршуваат правилата за зимска облека, како што се прекратки капути и носење шапки наместо шамии.

Полицијата во Техеран постави неколку мобилни полициски центри во најфрекфентните делови на градот за да го имплементира спроведувањето на исламскиот начин на облекување. Генералот Реза Радан, шеф на полицијата во Техеран го објави стартот на зимската акција:

„Чизмите што се носат над панталоните, исто така шапки кои се носат без шамии, како и капути што се пократки од колената ќе бидат цел на акцијата. Овие правила треба да се почитуваат и кога жените се во автомобилите.“

изјави Радан. Станува збор за прва акција на иранската полиција за спроведување на исламските правила на облекување. Обично, акциите почнуваат на почетокот од летото, а на мета се жените кои носат мали шамии кои не им ја покриваат косата, како и панталони кои не ги покриваат нивните колена. Овие жени мора да напишат ветување дека повеќе нема да се облекуваат „нескромно“. Полицијата понекогаш и ги казнува или ги апси оние кои влегуваат во расправија со нив. Резван Мокадам, жена од Техеран и активист за правата на жените вели дека многумина Иранци веруваат дека наместо да се фокусира на правилата за облекување кај жените, полицијата треба да внимава на многу поважни проблеми во иранското општество.

„Постојат многу други проблеми во општеството. Правилата за облекување на предизвикуваат безбедносна закана. Постојат луѓе кои ги задеваат и малтретираат жените на улица, луѓе кои задеваат луѓе преку ноќ, дилери на дрога и полицијата треба да се справува со тие проблеми.“

вели Мокадам. Државната иранска телевизија објави анкета според која 80 насто од Иранците го поддржуваат спроведувањето на исламските правила на облекување. Но, според Мокадам, тоа налутило многумина иранци, особено помладите луѓе. Според Фарид Модарес пак, политички аналитичар од Иран, најновите мерки нема да предизвикаат јавни демонстрации и протести:

„Колку што го разбирам иранското општество, не мислам дека таквите мерки ќе предизвикаат радикални протести. Ова прашање, заедно со многу останати социјални, политички и културни прашања ќе има влијание на среден и долг рок.“

Покрај тоа што акцијата се фокусира на жените, исто така не се исклучени и мажите. Тие меѓу другото имаат забрана за носење тетоважи како и гел на косата. И покрај противењето на некои Иранци, нема знаци дека акциите на иранската полиција ќе престанат наскоро.
XS
SM
MD
LG