Достапни линкови

Дали Македонија, на наредниот самит на НАТО, ќе добие условена, или одложена покана за членство?


Проширувањето на НАТО во јавноста се посочува како една од клучните теми во оваа 2008. Благоја Марковски, претседател на балканскиот безбедносен форум, смета дека добивањето покана пред се ќе биде резултат на сработеното дома:

„Членството пред се ќе зависи од тоа дали ние ги исполнивме стандардите и условите кои ни беа поставени од НАТО и дали може да придонесуваме во развојот на мирот во регионот па и пошироко.“

Спорот со Грција за уставното име, сепак го отвора прашањето, дали нашиот јужен сосед ќе го искористи правото на вето и ќе го блокира македонското членство, како што најавуваат политичките претставници на Грција. Согласно со времената спогодба таа нема право да го стори тоа ако станува збор за референцата БЈРМ, вели државниот врв. Претседателот Бранко Црврнковски смета дека ако изборот на крајот биде НАТО или промена на името ќе се застане во одбрана на името. Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски укажува дека употребата на вето би била штетна за регионот воопшто. Според него, Грција е во дилема дали да го искористи тоа право за што ќе треба да одлучи многу скоро:

„Грција е сериозна држава која два пати ќе размисли пред самитот дали би употребила една таква можност, бидејќи штетните последици и за регионот, но и за оној кој би употребил такво право би биле видливи.“

Додека поканата е извесна, како што велат аналитичарите сепак некои од нив додаваат дека останува отворено и прашањето дали потоа сите три земји во ист период ќе станат и полноправни членки на НАТО. За тоа дали може да се случи забавување на процесот од покана до членство за некоја земја, или на пример, кога станува збор за Македонија имајќи го предвид спорот со името, професорот Влатко Цвртула, советник за одбрана на претседателот на Хрватска Стипе Месиќ и член на хрватскиот евро атлантски совет вели:

„Тоа може да се случи, некоја држава да има забелешки и во својот парламент да не даде поддршка додека не се дадат докази за напредокот и слично. Всушност, во тој процес на пристапување и тоа се случува. Тоа е чувствителен процес и не треба да се очекува дека се ќе помине лесно.“

Со поинакво мислење Александар Генчов од македонскиот евро атлантски совет:

„Не е возможно за една земја да трае повеќе за друга помалку. Од моментот на добивање на поканата, процесот во Алијансата е ист за сите земји кандидати.“
XS
SM
MD
LG