Достапни линкови

Интензивирање на кампањата за привлекување странски инвестиции


Италија, Турција, Австрија, Германија, Велика Британија, Израел, ова се земјите коишто покажуваат најголем интерес за инвестирање во Македонија. Од агенцијата за привлекување на странски инвестиции очекуваат нови брендови во земјава во 2008 година. Имињата не ги откриваат, но ги посочуваат областите за коишто се најмногу заинтересирани потенцијалните инвеститори:

„Автомобилската индустрија, ифнрмативна технологија, производсвото на храна, но очекуваме и инвестиции во пазарот на недвижнини,“

изјави Директорот на Агенцијата Виктор Мизо кој годинава најавува уште поинтензивна кампања за привлекување странски инвестиции. Изминатата година во земјава влегоа неколку странски имиња, дел од нив се француската банка Сосиете Женерал, осигурителната компанија Триглав, Џонсон Мети со одлуката за изградба на фабрика за катализатори. За повеќето од имињата кои одлучија да инвестираат во Македонија опозицијата обвини дека преговорите се одвивале во текот на претходната Влада.

„Станува збор за истите фирми коишто во тој временски период беа потенцирани, беа повикани да разговараат, изразија интерес и на крај инвестираа,“

рече Игор Ивановски од СДСМ.

Но, економските експерти велат дека влезот на странски инвеститори во земјава не значи задолжително економски раст. Марјан Николов од Центарот за економски анализи, посочува неколку причини поради кои Владата води интензивна кампања за привлекување странски инвестиции:

„Или властите пресметале дека од домашните инвеститори коишто изникнале во текот на транзицијата ја немаат онаа улога да може да функционираат во функционална пазарна економија. Или, дошле до заклучок дека приватниот капитал којшто е во рацете на граѓаните и во рацете на тие бизниси не може да се ефектуира во создавање на вредност и за тоа е потребно донесување свеж капитал.“

Еден од условите за влегување странски инвестиции е и ефикасното функционирање на администрацијата, како и судството. Но, најважниот критериум е политичката стабилност, посочуваат Николов и професорот Ванчо Узунов:

„Тој странски инвеститор не ги разгледува само даночните олеснувања, нему не му е значајно дали ќе плати пет насто повеќе или помалку, ако не може да си го оствари своето право пред судските органи.“

„Бизнисмените коишто гледаат на долг рок, а не на краток, се мислат подолго дали да влезат и да соработуваат со овој регион, бидејќи се плашат од политичката нестабилност.“
XS
SM
MD
LG