Достапни линкови

Денеска во Ајова почнува трката за претседателски кандидати


Скоро цела една година американците ќе ја следат трката за нов претседател кој ќе го избираат на националните избори во ноември годинава. Шестнаесет мажи и една жена од Демократската и од Републиканската партија се обидуваат да станат нивни кандидати за претседател. Процесот почнува денеска во централната американска држава Ајова.

Во Ајова живеат помалку од четири милиони луѓе. Економијата е претежно земјоделска и скоро деведесет и пет насто од жителите се со европски корени. Тешко може да се каже дека Ајова е пример за расните, економските или културните разлики по која всушност е позната Америка. Сепак, во изминативе неколку месеци, некои од кандидатите за претседателските избори потрошија повеќе од дваесет милиони долари за да ги убедат луѓето на Ајова да гласаат за нив на денешните избори. Но, така не било отсекогаш, вели Петрик Бешам, директор на Институтот за демократија во Вашингтон.

„Тоа е едноставно затоа што е прва држава и секако бидејќи е потешко да се придобие некоја држава како Ајова која не е примарна, туку држава во која се изведуваат прелимирани избори.“

Граѓаните на Ајова кои се од Републиканската партија едноставно го даваат својот глас на изборните места, но не е така едноставно и за демократите од Ајова. Нивните прелимирнарни избори се одржуваат по ресторани, училишта, па дури и во приватни домови. Секој треба да каже за кој кандидат е и зошто. Резултатите потоа се испраќаат во изборните штабови каде што ќе се види колку делегати има секој кандидат за партиската номинација. Вакви прелимирани избори до петти февруари кога годинава паѓа таканаречниот Супер вторник и кога ќе се знаат имињата на партиските кандидати за претседател ќе се одржат во дваесет и две американски држави. За Бешам ваквиот долготраен изборен процес често предизвикува негативни кампањи, но сепак, како што додава, им дава повеќе информации на граѓаните за кандидатите. За разлика од него Ален Лихтман професор по политичка историја е против ваквите прелимирани изјаснувања.

„Многу, многу тешко е без препознатливо име и пари да се натпреваруваш низ државите, вклучувајќи ги и мега државите како Њујорк и Калифорнија.“

Наведува Лихтман, додавајќи дека не е в ред и тоа што во повеќето држави прелимираните гласања се одржуваат по таканаречниот Супер вторник, кога партиите веќе знаат кој од кандидатите ќе има доволно делегати за да победи на конвенциите што редовно се одржуваат некаде кон средината на годината.
XS
SM
MD
LG