Достапни линкови

Клучни проекти не се исполнети


Изминатата година донесе најмногу жртви за Американските и НАТО силите во Авганистан по падот на талибанскиот режим во 2001. И покрај тоа што милитантите трпат тешки загуби во битките, изгледа дека Талибанците можат да регрутираат голем број борци од Авганистан и Пакистан кои ги заменуваат оние кои загинале. Бројот на самоубиствени напади исто така бележи пораст, исто како и бројот на цивилни жртви. Она што ја загрижува меѓународната заедница е што целите од некои клучни проекти не се исполнети.

Од повеќе од 14,000 проекти за реконструкција во Авганистан официјалните претставници на НАТО ја опишуваат изградбата на хидро електраната Каџаки како проект со најголемо психолошко и стратешко значење. Зборувајќи за напредокот на безбедноста во Авганистан, генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Схефер изјави дека успехот може да се мери и со способноста да се спречи дејствувањето на талибанските милитанти во Каџаки за работниците да можат да изградат нов пат што е потребен за пренесување на гигантската турбина:

„Кога турбината ќе биде инсталирана таа ќе обезбеди електрична енергија за 2 милиони луѓе од провинцијата Хелманд до Кандахар. Ќе обезбеди наводнување за стотици земјоделци, и ќе отвори 2,000 работни места. Талибанците, го напаѓаат овој проект секој ден и се обидуваат да го спречат неговиот развој.“

Американски цивилни официјални претставници велат дека електричната енергија од Каџаки треба да потече во почетокот на 2008. Но, изградбата на хидро централата Каџаки не е единствената цел којашто меѓународните сили во Авганистан не успеаја да ја остварат во 2007-та. Во ноември годинава, Вашингтон Пост објави таен документ на Белата Куќа во кој се наведува дека воените напори во Авганистан не ги исполниле стратегиските цели зацртани од американската војска. Во документот се наведува дека и покрај успесите на меѓународните сили во битките против Талибанците, тие успеваат да регрутираат голем број нови милитанти. Главен извор за нив се незадоволни Авганистанци. Џоана Натан, директот на авганистанската програма на Меѓународната кризна група вели дека и истражувањата на нејзината организација го покажуваат истиот тренд:

„Во моментов, Талибанците и милитантите се многу охрабрени. Оние кои се вклучуваат во борбите тоа го прават поради тоа што се чувствуваат изоставени од владината администрација или племеннските заедници. Тие не ја гледаат меѓународната помош. Сите овие проблеми го потхрануваат проблемот. А, Талибанците се многу мудри кога станува збор за работење на локални конфликти.“

Официјални претставници во Кабул велат и дека обичните Авганистанци стануваат се полути за стотиците цивилни жртви предизвикани од воздушните напади на меѓународните сили. Тоа според нив им го олеснува регрутирањето нови милитанти на Талибанците. Според Луиз Арбур, висок комесар на Обединетите нации за човекови права бројот на цивилни жртви убиени по грешка во нападите на коалиционите сили достигнале алармантно ниво во 2007-та.

„Во разговорите со командантите бев убедувана дека тие се свесни за значајноста на проблемот со цивилните жртви. Тие ги слушнаа повиците за примена на методологии што би служеле како превентивни мерки во спречување на цивилните жртви.“

Во меѓувреме и бројот на жртвите меѓу коалиционите сили е на највисоко ниво од падот на талибанскиот режим во 2001-та. Повеќе од 240 војници беа убиени во Авганистан во првите 11 месеци од 2007. Според генералниот секретар на НАТО Јап де хоп Схефер, еден од најголемите неуспеси на Алијансата во 2007-та е во областа на тренингот и опремувањето на владините сили на Авганистан кои треба постепено да ја преземаат безбедносната контрола од меѓународните сили.
XS
SM
MD
LG