Достапни линкови

logo-print

Во знакот на порастот на цената на нафтата, падот на доларот и кредитната криза


2007-ма година беше турбулентна за светската економија, која е под притисок на порастот на цената на нафтата и падот на вредноста на доларот. Економистите велат дека нема место за паника, но ценовните шокови продолжуваат, а најзагрижувачки е континуираниот раст на цената на прехрамбените производи.

Цената на нафтата достигна околу 100 долари за барел, вредноста на доларот постојано паѓа, банките, особено хипотекарните, се во криза, а цените на храната растат со такво темпо, што сиромаштијата во светот добива драматични размери. Ваквите проблеми ќе се пренесат и во 2008-ма и ќе бидат голем предизвик за меѓународната заедница. Најнапред за нафтата, како двигател на светската економија. Цената е во постојан пораст главно поради се поголемите потреби од енергија во Кина и Индија, но и во другите индустриски развиени земји, па се оценува дека така ќе остане и во наредните години. Цената на нафтата ќе остане висока и поради тензиите на Блискиот Исток и загриженоста од можен воен конфликт меѓу Соединетите ДРжави и Иран. Енергетскиот експерт Валери Марсел сепак смета дека цената на нафтата е превисока, а земјите на ОПЕК го користат аргументот на слабиот долар за да не го зголемат производството и да понудат поголеми количества нафта на пазарот. Но, Марсел смета дека ерата на екстравагантно користење на фосилните горива е при крај. Светската дебата за климатските промени се интензивира, а земјите, потресени од поплави, пожари и други природни катастрофи, се се поубедени дека треба да се намали емисијата на штетни гасови. Според Марсел, тоа ќе се одрази и на производството и цената на нафтата.

„На среден и долг рок, мислам дека големо влијание врз цената ќе имаат климатски промени и постепеното намалување на барањата за фосилни горива. Тоа е голема грижа за ОПЕК кој страхува поместувањата на пазарот на горива.“

Што се однесува на вредноста на американскиот долар, неговиот пад предизвика поместувања на финансиските пазари. Аналитичарката на Комерцбанк, Антје Прифке смета дека доларот ќе паѓа и во првиот квартал од наредната година, кога американската економија и доларот ќе почнат да закрепнуваат и да ја надминуваат сегашната криза, предизвикана од проблемите на хипотекарните кредитори.

„Досега не видовме јасен сигнал на негативни ефекти врз реалната економија од хипотекарните кредитни ризици, а тие можат да се очекуваат наскоро. Досега имаше видливи негативни ефекти само врз нивото на доверба.“

Но, не се очекува голем раст на доларот поради други фактори, како американскиот трговски дефицит или пак фактот дека Кина и други азиски држави девизните резерви од долари ги менуваат во други валути. Цените на храната пак, кои се во постојан пораст, предизвикуваат спирала на инфлација. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации, ФАО, соопшти дека очекува таквиот тренд да продолжи. Цените веќе се астрономски, - млечните производи, просечно се поскапи за 65 насто, житото за 40 насто, а месото за 6 насто, што најтешко им паѓа на најсиромашните. Според ФАО, главни фактори за драстричниот раст на цените на прехрамбените производи се транспортните трошоци, поради восиката цена на нафтата, се поголемото производство на био-горива и поголемата побарувачка, поради зголемувањето на светската популација.
XS
SM
MD
LG