Достапни линкови

Свет: Масовни прослави на плоштадите со огномети


Новата 2008 година во светот беше пречекана со масовни прослави на улиците, проследени со огномети и разни приредби под ведро небо. Во Берлин околу милион лица по полноќ учествуваа во уличната журка во близина на Бранденбуршката порта.
Ова беше тринаесетта нова година која се пречекува на тој простор со бесплатна програма.
Неколку десетици илјади лица се собраа во Амстердам во стариот дел од градот каде на осум големи екрани се гледаа ударните вести од 2007 година, а почетокот на 2008 година беше одбележан со голем огномет.
Околу 15.000 лица присуствуваа во Ротердам на слични прослави на брегот на реката Мезе, а огнометот беше на познатиот мост Еразмо.
Брисел ја дочека новата година во мрачна атмосфера бидејќи сите официјални прослави беа откажани поради терористички закани. И Париз остана без прослава бидејќи властите забранија огномет, но неколку стотици илјади лица излегоа на улиците за да го прослават доаѓањето на новата година.
Американците на Тајмс сквер го објавија доаѓањето на Новата година. Познатата њујоршка журка помина и со фрлање два тона конфети.
Австралија почна со прослава на Новата година многу порано поради временската разлика. Рекордни милион лица во Сиднеј и 4.000 чамци вкотвени во пристаништето на тој град присуствуваа на досега најголем огномет.
Неколку стотици илјади лица се собраа долж Темза во Лондон за да гледаат спектакуларен огномет на Трафалгар сквер, во Шкотска околу 50.000 лица се собраа на улична забава во Единбург, 15.000 во Глазгов, додека во северноирскиот Белфаст имаше околу 5.500 лица кои присуствуваа на концерт под ведро небо.
Неколку десетици илјади „му пркосеа“ на мразот на Црвениот плоштад во Москва каде доаѓањето на новата година го означија црковни ѕвона. Многу Руси за таа прилика облекоа лизгалки за да се лизгаат на големото лизгалиште поставено на плоштадот. Пешачката зона во центарот на градот беше претворена во зона на наздравување со шампањско.
На Тајмс сквер во Хонгконг се собраа повеќе од 100.000 лица кои присуствуваа на прославата на тема Олимписки игри, прв спектакл пред Олимпијадата која во август се одржува во Пекинг. Оваа поранешна британска колонија е единствена во регионот која славеше со оглед дека Кина ја слави својата Нова година во февруари.
XS
SM
MD
LG