Достапни линкови

Година на прогрес, потребно е премостување на разликите на Шиитите и Сунитите,оцеуваат аналитичарите


2007-та според многумина експерти е година на прогрес за американските напори за стабилизирање на безбедносната ситуација во Ирак. Ова се должи на планот на американскиот претседател Џорџ Буш за зголемување на бројот на трупите во Ирак за намалување на тероризмот и верското насилство. Но, според аналитичарите секој прогрес на полето на безбедноста во Ирак е неодржлив се додека Шиитските и Сунитските политичари во Багдад не ги премостат нивните разлики.

На почетокот на годината, кога американскиот претседател Џорџ Буш ги објави промените на политичката и воената стратегија во Ирак, верското насилство ја туркаше земјата на работ од граѓанска војна. Оттогаш се употребува терминот „наплив на трупи“ за да се опише новата стратегија на администрацијата на Буш. Дополнителните 30 илјади војници во Ирак придонесоа за интензивирање на безбедносните операции на американската војска во Багдад и провинцијата Ал Анбар на западот од земјата. Подобрената ситуација ги натера некои од стотиците илјади бегалци кои ја напуштија земјата полека да се враќаат во нивните домови. Овие промени придонесоа месечниот извештај на меѓународната кризна група да го вброи Ирак меѓу земјите каде што безбедносната состојба се подобрува. Јост Хилтерман, заменик директор на меѓународната кризна група за Блискиот Исток вели дека зголемувањето на трупите е тактички успех, но дека тој мора да е проследен и со успех на политичкиот фронт:

„Во 2007 година видовме прогрес во напорите да се стабилизира Ирак преку зголемување на трупите. Но, овој прогрес е неодржлив ако не е проследен со политички договор на национално ниво. А, таму не гледам прогрес.“

Хитерман посочува дека американските официјални претставници мора да направат повеќе и да извршат притисок на Сунитските и Шиитските лидери во Багдад за надминување на нивните разлики.

„Администрацијата на Буш конечно сфати дека ситуацијата бегаше од контрола и дека беше потребен поинаков пристап. Конечно ги поставија вистинските луѓе. И тие ги прават вистинските работи на воениот фронт. Но, потребно е администрацијата да сфати дека без прогрес на политичкиот фронт напредокот не е одржлив. Тоа е клучно прашање. Прашање за во иднина е дали администрацијата на Буш ќе има апетит да предложи политичка иницијатива што би направила притисок врз различните групи за постигнување национален договор.“

Според Џејмс Дензлоу од лондонскиот инситут Чатам Хаус промената на политиката во Ирак од централистички авторитарен режим на Садам Хусеин кон децентрализирана локална власт е проследена со етничка и верска доминација во различните делови од земјата и покрај напорите на ирачкиот премиер Нури Ал Малики за договор што би ги обединил различните религиозни и политички групи во Ирак:

„Нема политички напредок што би го сакале Американците на сите нивоа меѓу главните политички фракции. Зголемувањето на трупите и американската политика отворија простор за владата на Ал Малики да го турка политичкото помирување. Но, тоа сеуште не е направено. Всушност, разликите меѓу премиерот Ал Малики кој е шиит и вицепремиерот Тарик Ал Хашеми кој е сунит покажуваат колку се лоши односите внатре во владата“

Американскиот конгресмен Лу Гомерт, републиканец од Тексас вели дека оригиналната цел за трансформирање на Ирак во просперитетна демократија сеуште може да се постигне:

„И покрај тоа што ситуацијата беше напред – назад, гледам изгрејсонце. Затоа е важно да им помогнеме на Ирачаните да дојдат во ситуација во која се доволно силни без надворешни мешања за да можат самите да владеат, да може самите да ги избираат нивните лидери.“

Но, и најголемите оптимисти не очекуваат политичките поделби во Ирак да се нормализираат во 2008-та.
XS
SM
MD
LG