Достапни линкови

Подобар живот и нови работни места


Во новата година сакаме да гледаме повеќе насмеани лица. Очекуваме да има нови работни места, поголеми плати и пензии, помалку сиромаштија...овие се најчестите одговори на дел
од македонските граѓани за нивните очекувања и желби во годината што е пред нас.
Повеќето од нив признаваат дека тешко го поминуваат месецот, но сепак се надеваат дека утре
ќе биде подобро од денес.

„Не подобро ќе биде од што беше.“
„Се надевам дека работите ќе се средат на економски план.“
„По природа сум оптимист и верувам дека ќе биде поарно.“


Лошата економска состојба, невработеноста, тоа е она што најмногу не боли, велат некои од нашите соговорници. Најголема желба ни е да ни се вработат децата и да имаме онолку колку што е потребно за една пристојна живеачка, велат граѓаните.

„Желбата ми е да ми се вработат децата, да не чекаат од нас.“
„Да нема отпуштања, технолошки вишок, да се намали стажот потребен за одење во пензија.“
„Да има слога во цела Македонија, да биде подобро за младите, да има работа.“
„Најбитна е економијата.“
„Да има за живеење вака сме мизерија.“


За некои од граѓаните и влезот на земјава во евроатланските структури е една од приоритетните желби.

„2008 сметам дека ќе не примат во НАТО, тоа ми е голема желба, ќе биде подобро.“

За други пак недозволиво е остварувањето на оваа цел да се случи со евентуална промена на уставното име.

„Сакам прво да не признаат под уставно име, никако да не биде со друго име, ако не си Македонец не постоиш. Името не би го менувала за ништо.“

Повеќето граѓани велат дека во 2008 година сакаат помалку политика. Велат дека се уморни од собраниските седници и партиските препукувања меѓу политичарите.

„Заморно е за луѓето веќе.“

Но граѓаните што ги анкетиравме велат дека се трудат да размислуваат позитивно и оптимистички.
Вистинската причина за тоа не ја знаат, но претпоставуваат..

„Ништо не сме почувствувале, ама уште сум оптимист, дали даваат многу реклами и волја за живот!?“

И додека граѓаните се уште ги анализираат личните впечатоци, уште една година е зад нас.
Во Новата година остануваат само очекувањата и надежта дека ако не сите, барем дел од новогодишните желби на луѓето ќе станат реалност.
XS
SM
MD
LG